ОДБЕЛЕЖАНИ 83 ГОДИНИ ОД БИТКАТА ЗА КЛЕНОЕЦ МЕЃУ ПАРТИЗАНИТЕ И БАЛИСТИТЕ

Месната заедница Кленоец во општина Кичево, денес ја одржа традиционалната манифестација “83 години од битката за Кленоец“, што претставува помен за починатите борци од Првата Македонска народно-ослободителна ударна бригада во село Кленоец на 6 октомври 1943 година во борбите со албанските балисти. За жал, во таа битка убиени се околу 96 првоборци и мештани, меѓу нив и народните херои Јосиф Јосифовски Свештарот и Трајан Дејановски, заклани од балистите Џемо и Хасо.

Преживеаните борци и гостите проследија свечено интонирање на македонската национална химна, кревање на македонското државно знаме, поздравен говор на претседателот на Месната заедница, реферат за значењето на битката за Кленоец и пригодна културно-уметничка програма со македонски народни песни и ора пред споменикот кој сведочи за настанот во виорот на Втората светска војна.

Цвеќе на споменикот положија делегации на Месната заедница Кленоец, Сојузот на борците на Кичево, Сојузот на борците на Охрид, Сојузот на борците на Гевгелија, Здружението на резервните воени офицери на Македонија и Армијата на Република Македонија.

– Вечна им слава на борците за слободата на Македонија во Втората Светска Војна, кои ги положија своите животи во борбите со фашистите и балистите. Здравје и живот за нивните потомци и за преживеаните. Кленоец е поука за храброста и непокорот на родољубите за мајка Македонија. Овој помен и спомен за родниот крај, нека не вратат со живот во селото, како бастион на Македонскиот народ во овој дел од татковината. Било, да не се повтори, простуваме, но не забораваме, да бидеме единствени, секогаш кога ќе е потребно да возвратиме, слободата и независноста на Македонија да ги одбраниме, – стои во поздравната телеграма на претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров до Месната заедница Кленоец.

На 13 јуни 1941 година во село Кленоец почнува да дејствува група на младински активисти која подоцна се поврзува со ЦК на КПМ за Кичево и Кичевско и со Кузман Јосифовски Питу со кого контактирала неколкупати. Како резултат на овие средби, на 16 декември 1941 година во селото Кленоец е формирана првата селска партиска организација во кичевско, која дејствувала како реонска партиска организација. Во првата половина на јули 1942 година во село Кленоец бил формиран илегален Народно-ослободителен одбор, како прв орган на народната власт, по што се започнати разни диверзантски акции на пругата Кичево-Охрид. Во текот на војната која продолжила со засилен интензитет, со одлуките на Преспанското советување, започнале подготовките за одржување на АСНОМ. И покрај капитулацијата на Италија на 18 август 1943 година, продолжиле вооружените пресметки со балистите за одбрана на Кичево како прв ослободен град во Македонија, ослободено на 11 септември 1943 година и за одбрана на Кичевскиот регион како прва слободна територија во Македонија, во којашто била воспоставена народна власт.

Иако на планинскиот превој Буковиќ била поставена одбрана на слободната територија, на 1 и 2 октомври 1943 година била пробиена одбранбената линија, поради што било решено да се организира одбрана кај селото Кленоец. Командант за одбрана на Кленоец бил комесарот Јосиф Јосифовски Свештарот, заедно со Мите Трпоски и Трајан Балев. Офанзивните акции во реонот на село Кленоец започнале на 5 октомври 1943 година. Епопејата почнала рано наутро на 6 октомври, борбите биле жестоки и траеле се’ до вечерта, кога дошло до мало затишје. Тоа овозможило одбранбената линија на Кленоец да биде пробиена, за време на борбите биле заробени тринаесет партизани од одредот “Славеј“ кои останале без муниција и како лесен плен на балистите еден по еден биле убиени. Партизанскиот отпор бил скршен, а балистите го искористиле моментот и на сите страни вршеле ѕверства врз месното население, а селото Кленоец го запалиле.

Крваво завршила Кленоечката битка. Комесарот на втората оперативна зона Јосиф Јосифовски Свештарот, заменик помошникот на баталјонот Мите Трпоски и заменик комесарот Трајан Белев биле убиени, како и многумина борци од кичевско, охридско, струшко и други места на Македонија. Храброста и непокорот остануваат симбол на оваа битка, Кленоец ги слави жртвите и се сеќава на јунаштвата. Крвта која ги полила овие ливади и гори, потсетува колку е скапа слободата.

Преживеаните кажуваат дека за одбрана на Кленоец доброволно била пријавена албанска партизанска чета, која од Командата на Македонската војска била приклучена на одбранбената линија. Борбата покажала дека тоа не биле партизани туку балисти преоблечени во униформи на партизаните. Вечерта извршиле масакар во селото врз Македонците партизани од првата и втората чета на Првата Македонска народно-ослободителна ударна бригада. Речиси стотина Македонци партизани и мештани биле убиени со истрели во тил и заклани. Главата на народниот херој Јосиф Јосифовски Свештарот била отсечена и набиена на кол до селската црква сред село.

За сите првоборци и гости, по чествувањето беше организирано војничко гравче во конакот на Македонската православна црква “Успение на Пресвета Богородица“ во село Кленоец.