Репортажа од патувањето меѓу Македонците во Албанија на новинарто Славе Николовски Катин во 1991 година.
Беше убав и топол јунски ден кога пристигнавме во Корча, градот кој што по многу нешта наликува на Битола. Тој е распространет во подножјето на планината Морава на јужната страна на плодното Корчанско поле. Во минатото Корча бил еден од најзначајните трговски центри на тие балкански простори, од кој луѓето од Лерин, Битола, Охрид Струга, Подградец, Костур, Ресен и други места имале многу блиски и одлични трговски врски со заедничко живеење. Денес Корча е административен центар и еден од поубавите и позначајните градови во Албанија. Во него има неколку индустриски капацитети, меѓу кои, термоелектраната, фабриката за шекер и фабриката за пиво, кои, покрај тоа што се со стара технологија и со низок степен на продуктивност, сепак претставуваат значаен дел на албанската индустрија.
Во Корча останавме една вечер во хотелот што се наоѓа на центарот и претставува единствен туристички објект. Таму co сретнавме со поголема група Македонци, кои чекале цел ден само да ја видат и да се запознаат со групата новинари од Македонија. Средбата беше трогателна. Секој сакаше да се поздрави, да каже или да праша нешто. Јас сум Македонка од Корча, а и јас сум од Корча, ама моите се од Долна Преспа, jac сум Македонец од Билишта од… се слушаа овие зборови. А потече и некоја солза, но овој пат од радост, од возбуда да се биде и да се видат свои луѓе после толку долг период.
На вечерта бевме во домот на Тодор и Марика Симоновски и во семејната куќа на нивната ќерка Сашенка. Ова благородно семејство е првото што новинарот Зоран Савевски го откри при минатогодишната посета на Корча. Марика, Сашенка и снаата од синот беа и едни од првите посетители на Републиката. Тие живеат со и за Македонија. Во нивните домови коишто се наогаат во непосредна близина на центарот, а кои го красат стариот дел на градот, каде архитектурата и жолтата боја на куќите е многу слична со онаа во многу градови во Македонија бевме пречекани со топлина, гостопримство и македонски обичаи.
Другиот ден наутро појдовме за Мала Преспа. Тоа беше предизвик за сите нас кои за прв пат ги посетивме простори. А беше навистина пријатно да се гледа плодното поле, кое некогаш беше познато како Малиќчко Езеро, а од источната страна надвиснала Иван Планина. За авторот на овие редови тоа беше мотив повеќе, бидејќи безброј пати ја видел оваа планина како се вишнее над Преспанското Езеро и претставувала препрека да се ѕирне од западната страна.
Патот што води кон Мала Преспа се дели од делницата Корча-Билиште и свртува кон север. Тој е неасфалтиран и патувањето од дваесетина километри навистина е напорно меѓутоа, се се заборава кога човек ќе пристигне под Иван Планина, над Мала Преспа, каде се наога единствената “порта” и врска со светот за деветте македонски села. Оттаму се гледаат селата Зрноско, Леска и Пустец, а понатаму се селата Шулин, Глобочани, Туминец, Горна и Долна Горица, а јужно од Зрноско е ceлото Цере. Сите овие се македонски села заедно со селото Врбник, што и припаѓаа Билишната околија.
Брзавме да го посетиме селото Пустец. По каменливиот и стрмен пат среќаваме деца, мажи, жени, стари лица. Со сите се поздравуваме, си зборувавме преспански, и им посакуваме добра работа на оние коишто работеа по полето. A селото Пустец, пак, се распоредило до ридот над самото Преспанско Езеро. Куќите се стари, македонски, скромни, како и во многу преспански и други села. Во селото вриеше како во кошница. Цело село, а и многумина од соседните села излегоа да пречекат новинарите од Македонија, кои во минатата година за прв пат го посетија, а тоа всушност, беше и првото откритие за македонската јавност. Пред Културниот дом, кој во минатото беше селска црква со сите православни нишани, се сретнавме со многумина. Разговаравме за минатото, за сегашноста и за иднината на овој македонски народ којшто го зачувал својот национален идентитет. Сите зборуваат убав преспански говор, на училиште четири години се учи мајчиниот македонски јазик, имаат амбуланта, земјоделска задруга, кино сала, културен дом, неколку колониални продавници, рибарска задруга. Но најважно е што имаат чист македонски дух и верба во иднината. Селото Пустец е една од поголемите населби во Корчанскиот регион и нјаголемо македонско село во Албанија. Во Долна Преспа се пее, се игра, се тагува и болува на македонски мајчин јазик.
Во Пустец, заедно со групата новинари допатува и министерот за информации на Македонија, Мартин Треневски, кој за прв пат, заедно со авторот на овие редови во придружба на Андон Колевски, чија сопруга е наставник по македонски јазик во Пустец, а кој е виден општественик за четирите села, со Иван Трајковски, директор на Земјоделската задруга, со Герман Пандовски наставник по историја во Гимназијата Пустец и со рибарите Стојан и Јане, со брод на Рибарското стопанство, го посетивме островот Мал град. Тоа беше вистинско возбудување. Таму, на прекрасниот и по многу нешта единствен остров на кој, според легендата живеел Цар Самоил, може да се почувствува сета убавина и питомија на Преспанското Езеро и Долна Преспа, која и припаѓа на македонскиот народ и е поделена на три држави. Островот Мал град којшто гордо како орел се вишнее над езерската шир е место за предизвик. Во својата карпеста утроба ја сокрил црквата “Св.Богородица” како спеменик и патило на страдањата на македонскиот човек на тие простори. Од висината на островот се гледаат неколкуте пештерски цркви кои зборуваат за културното наследство на Македонците, кои, не по своја вина останаа поделени и распарчени на делови.
Славе Николовски Катин