Договорена соработка на МАЕИ и Конзервативната партија на Канада

Претседателот на партијата на Македонците од Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција – МАЕИ, Васил Стерјовски за време на престојот во Канада, се сретнал со Даниел Мејсон, кандидат за пратеник од Конзервативната партија во Парламентот на Канада.

„Мејсон, кој има македонски корени, има длабоки врски со Егејска Македонија. Од страната на татко му потекнува од село Прекопана, а од страната на мајка му од село В’мбел. Тој е личност со големи вредности и силна посветеност, која заслужува поддршка од македонската заедница во Торонто, која преку него ќе има свој глас во канадскиот парламент“, рече Стерјовски за МИА.

На средбата договориле соработка од заеднички интерес помеѓу Конзервативната партија на Канада и МАЕИ.

Стерјовски исто така информираше дека за време на престојот во Торонто, ја посетил и црквата Свети Климент Охридски – најстарата македонска православна црква надвор од Македонија, која „претставува вистински духовен и културен столб за Македонците во Канада.

„Оваа црква не само што ги згрижува духовните потреби на македонската заедница, туку е и дом на значајни образовни, културни и добротворни друштва, кои се грижат за зачувување на македонскиот етнички и културен идентитет. Посебно ме радува што Македонците од Албанија активно учествуваат во богослужбите и различни активности во црквата, со што ја зајакнуваат заедницата и ја продолжуваат македонската традиција во Канада“, посочи Стерјовски.

Присуствувал на богослужба, а отец Сашо Целески му подарил библија.

©Македониум