Македонската конзервативна партија ИНТЕГРА донираше комплети спортска опрема за потребите на спортските активности на учениците Македонци во Пустец, Албанија.

Донацијата има за цел да ги поддржи спортските активности на учениците и да придонесе за поттикнување на спортскиот дух и физичката активност кај младите од македонската заедница во областа Преспа.
Во рамките на посетата на Пустец, претседателот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристевски, оствари и средба со Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска политичка партија во Албанија.

На средбата беа разменети мислења за положбата на Македонците во Албанија, актуелните предизвици со кои се соочува македонската национална заедница, како и потребата од поголема институционална поддршка за зачувување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет.
Соговорниците се согласија дека е неопходно Република Македонија да воспостави јасна и долгорочна државна стратегија за поддршка и заштита на Македонците кои живеат во соседните земји, вклучително и во Албанија.
Од ИНТЕГРА порачаа дека грижата за потребите и правата на Македонците во соседството мора да биде поставена меѓу највисоките приоритети на државата.

„Не смееме да оставиме ниту еден Македонец да се соочува со негирање, оспорување или омаловажување на своето национално чувство и етничка припадност. Тоа е прашање на човеково достоинство и фундаментална вредност на секое демократско општество, вклучително и на Европската Унија“, истакнуваат од ИНТЕГРА.
Донацијата на спортска опрема и средбата во Пустец претставуваат поттик за понатамошна соработка и поддршка на македонската заедница во Албанија, особено во насока на зачувување на нејзиниот идентитет.
©Македониум
