Иницирана соработка меѓу Универзитетите „Гоце Делчев“ од Штип и „Александер Мојсиу“ од Драч

Во рамките на програмските задачи на Амбасадата, во делот на соработката од областа на високото образование македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски денес имаше работна средба со проф. д-р Каснела Сотирофски, ректор на Универзитетот „Александар Мојсиу“ во Драч.

На разговорот беа разгледани можностите за воспоставување соработка помеѓу универзитетот во Драч и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, по претходно извршените консултации со ректорската управа.

Марковски ја истакнал важноста од вклучување на двата универзитети низ заеднички наставни програми коишто ќе бидат компатибилни и суштински ќе одговараат на потребите на пазарот на трудот, што е од основен интерес на студентите.

Посебно бил истакнат интересот за заеднички настап на двата универзитета пред одредени европски универзитети со цел обезбедување меѓународни образовни програми и проекти за обука, кои ќе обезбедат максимални можности за градење меѓународни искуства за учење и обезбедување признавање на двојни дипломи.

Ректорот Ксанела Сотирофски, чие потекло е од с. Церје – Мала Преспа, го поздравила отворањето на лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици, оценувајќи го како важна карика во образованието на Македонското национално малцинство, но и пошироко за сите заинтересирани студенти како придонес во натамошното градење на пријателските односи меѓу двете држави и народи.

На состанокот било договорено Амбасадата во Тирана да овозможи еднодневна практична настава за студентите од Факултетот за политичко правни науки, а амбасадорот да одржи предавање пред студентите и професорскиот кадар на универзитетот.

©Македониум