ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН: БУГАРСКИТЕ СУДОВИ ПОСТОЈАНО ИЗМИСЛУВААТ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ДА НЕ НЕ’ РЕГИСТРИРААТ

Ги отфрламе тврдењата на бугарската претседателка дека при обидите за регистрација на здружението недостигаат документи. Организацијата ги исполнува барањата, но судовите секогаш наоѓаат нови забелешки, – изјави д-р Стојко Стојков по изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова од средбата со генералниот секретар на Советот на Европа дека, Македонија и Бугарија немаат билатерален спор, и дека Бугарија ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Здружението на Македонците во Бугарија ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН жестоко ѝ одговори на бугарската претседателка Илијана Јотова дека постојано доставуваат некомплетни документи за регистрација. Илјана Јотова во Стразбур изрази надеж дека наскоро ќе заврши “сагата ОМО ‘Илинден’“, но од Здружението тврдат дека судовите постојано наоѓаат нови забелешки.

– Тоа е комплетна невистина. Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти како перфектни, – изјави за “Вечер“ копретседателот на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН, д-р Стојко Стојков.

Неговата реакција следува по посетата на Илијана Јотова на Стразбур и средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе. Меѓу темите било и извршувањето на пресудите во групата предмети ОМО ИЛИНДЕН против Бугарија. Советот на Европа потврди дека токму ова прашање било предмет на разговорите.

Илијана Јотова претставила поинаква слика. Таа рекла дека Бугарија ги спровела досегашните препораки и го променила законодавството за да овозможи регистрација, но дека при поднесувањето барања од ОМО ИЛИНДЕН недостигала документација.

– За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ, – изјавила Јотова во Стразбур.

Д-р Стојко Стојков категорично го оспорува тоа објаснување. Според него, кога организацијата ќе постапи според една забелешка, во следната фаза Судот поставува други.

– Кога ќе поднесеме ние документи, наеднаш судот наоѓа десетици проблеми што не ги видел порано. Судовите на секое ниво даваат различни забелешки, – вели Стојков.

– Различни судови во различни делови на земјата даваат различни забелешки и ако постапиме по нив, наоѓаат нови, – додава Стојков.

На прашањето дали по изјавата на Јотова организацијата конечно може да добие прецизен список на документите што наводно недостигаат, Стојков одговара дека, според него, такви документи воопшто нема.

– Се’ исполнуваме, но тие измислуваат нови забелешки. Треба да запрат да го нарушуваат законот и еднаш веќе да нè регистрираат, – вели д-р Стојко Стојков.

Според соопштението од средбата на Јотова со генералниот секретар на Советот на Европа, пак, генералниот секретар Берсе оценил дека Бугарија бележи напредок во мерките за гарантирање на правото на здружување и изразил надеж дека надзорот би можел да биде затворен во март 2027 година.

Прашањето останува под европски надзор и деновиве: Комитетот на министри од 15 до 17 септември во Стразбур ја одржува редовната седница посветена на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.