На својот 90-ти роденден, д-р Лефтер Манчев зборува за едни од најболните страници од македонската историја – за Граѓанската војна во Грција и за трагедијата на Македонците.

Роден е на 29 септември 1935 година во Загоричани, Костурско.
Неговиот живот уште од најрана возраст бил обележан од војната и трагедијата. Како 13-годишно дете, во 1948 година, бил однесен во Унгарија. Неговата мајка и тројцата браќа ги загубиле животите во Граѓанската војна, а неговиот татко бил затворен во Грција од 1945 до 1961.
Од Загоричани тргнал како дете без свој дом, но со нешто што никој не можел да му го одземе – желбата да преживее, да се образува и да успее.
Во Унгарија го продолжил образованието. По Факултетот за физичка култура, се запишал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Дебрецен, каде што дипломирал со одличен успех. Потоа бил оставен како асистент-професор на Универзитетската хируршка клиника и започнал да објавува научни трудови.
Но неговиот животен пат продолжил уште подалеку – во Канада.
Во периодот од 1973 до 1979 година ги положил канадските хируршки испити на Универзитетот во Отава. А потоа, во 1980 година, направил голем професионален чекор: ја отворил првата клиника за естетска хирургија во Отава.
Станал познат специјалист во областа на трансплантацијата на коса, липосукцијата и пластичната хирургија на лице, очи и гради. Подоцна ги обучувал и првите македонски и унгарски хирурзи за липосукција и објавувал научни трудови во канадски и меѓународни медицински списанија.
Но, и покрај сите професионални достигнувања, никогаш не го заборавил Загоричани. Никогаш не ја заборавил Македонија. Никогаш не го заборавил своето семејство.
Во својата книга „Патот до врвот“, Манчев пишува:
„Јас сум Македонец, по род и народност, кого судбината го претвори во светски патник да го бара своето спасение, како десетици илјади други мои сонародници.“
Весникот „Македониум“ пренесува дел од неговиот говор за Граѓанската војна во Грција и трагедијата на Македонците.
©Македониум
