Млади Македонци од повеќе држави ќе се соберат на осмиот поетски камп „Ванчо Николески“, кој годинава започнува на 21 август во Охрид.

Во организација на Здружението за култура, литература и издаваштво „Мацково“, на 21 август во Охрид започнува осмиот поетски камп за млади „Ванчо Николески“, посветен на младите творци и на македонската литература.
На кампот ќе учествуваат млади Македонци од повеќе држави, со што манифестацијата продолжува да создава простор за нивно меѓусебно поврзување, творење и афирмација на македонската култура и јазик.
Кампот минатата година за првпат беше проширен и надвор од Македонија, со активности во Лерин, Грција, и во Општина Пустец, Албанија.
Според претседателот на „Мацково“, Веле Митаноски, манифестацијата ќе започне со свечено отворање на 21 август, со почеток во 11 часот, во училиштето „Ванчо Николески“ во селото Лескоец.
Поетскиот камп „Ванчо Николески“ претставува значајна културна манифестација која низ поезијата и творештвото ги поврзува младите Македонци од различни средини и придонесува кон зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, литература и културен идентитет.
Манифестацијата е поддржана од Општина Охрид и Општина Дебрца.
©Македониум
