Излезе од печат 102-от број на весникот „Преспа“

Излезе од печат 102-от број на весникот на македонски јазик „Преспа“, весник на Македонците во Албанија, кој повеќе од три децении претставува значаен медиум за информирање, зачувување и афирмација на македонскиот јазик, културата, традицијата и националниот идентитет.

Првиот број на „Преспа“ беше објавен во 1994 година, со што започна важна приказна во македонското новинарство во Албанија. Низ своите изданија, весникот континуирано го бележи животот, активностите и предизвиците на македонската заедница, придонесувајќи за зачувување на македонскиот збор и културното наследство.

Основач и прв главен уредник на весникот беше покојниот Спасе Мазенковски, кој со својата посветеност и долгогодишна работа остави траен белег во македонското новинарство во Албанија. Неговата визија и заложба за зачувување и афирмација на македонскиот јазик остануваат важен дел од историјата на „Преспа“.

Денес, главен уредник на весникот е Ефтим Митревски, кој ја продолжува традицијата и мисијата на „Преспа“, со посветеност кон македонската заедница и нејзиното културно и јазично наследство.

Објавувањето на 102-от број претставува значаен јубилеен момент и потврда дека „Преспа“ продолжува да опстојува како важен печатен медиум на Македонците во Албанија.

Честитки за новиот број на „Преспа“ и благодарност до сите уредници, новинари, соработници и читатели кои низ годините придонесоа весникот да опстои и да продолжи да го чува и афирмира македонскиот збор во Албанија.

©Македониум