Дипломатската битка на Ристо Никовски за македонскиот јазик во Голо Брдо

Ристо Никовски во периодот од 1998 до 2002 година беше амбасадор на Република Македонија во Република Албанија. Во текот на својот мандат, тој направи многу за Македонците во Албанија.

Весникот „Македониум“ ги пренесува сеќавањата на амбасадорот, објавени во неговата книга „Македонска дипломатска рапсодија“, каде што тој детално ги опишува своите напори и разговори со албанскиот државен врв за овозможување на изучувањето на македонскиот јазик за Македонците во областа Голо Брдо.

Во рамките на активностите на Амбасадата за разрешување на проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија, а се според позитивните и универзални меѓународни стандарди во оваа област, пред албанските официјални органи беше започната иницијатива за повторно отворање на училишта на мајчин јазик и за Македонците од Голо Брдо. Бидејќи се работеше за крупно, пред сè политичко прашање, беше побарана претходна согласност од нашата Влада. Соогласноста ни беше набргу проследена од тогашниот МНР, Александар Димитров. Инаку сами одлучувавме за сите други иницијативи коишто ги покренуваше Амбасадата, бидејќи воопшто не беа спорни според меѓународната пракса. И ова прашање можеше така да се класифицира, меѓутоа мораше да се води сметка за албанската реакција.

Веднаш потоа е разговарано со министерот за образование и наука Етхем Рука. На почетокот на разговорот, на Рука му беше подвлечено дека се работи за официјално барање зад кое стои нашата Влада. Потоа, детално му беа изнесени аргументите за повторно отворање на училиштата на македонски јазик на Голо Брдо. Пред сè беше елаборирана универзалноста на правото на образование на мајчин јазик, која е веќе подолго време придобивка на целиот цивилизиран свет која, во денешни услови, никој не може да ја негира. Потоа, што е особено значаен факт, Рука беше потсетен дека после Втората светска војна на Голо Брдо веќе работеа три училишта на македонски јазик, во Врница, во Пасинки и во Крчишта. Според тоа, беше заклучено, цениме дека е потребно да се започнат активности за враќање на ова право на Македонците на Голо Брдо бидејќи, покрај другото, тоа ќе придонесе и за зајакнување на довербата меѓу двата соседни и пријателски народа.

Рука внимателно ги слушаше аргументите, не зазема никаков став туку само рече дека за сето тоа ќе ги информира повисоките органи на власта бидејќи во конкретниот случај, сепак, не се работи само за образовно туку и за прашање со поширока конотација.

Прашањето беше отворено и со претседателот Рeџеп Мејдани, кој е тежок националист. Тоа му беше (силната) карта на која играше во политиката бидејќи, веројатно, немаше други? На Мејдани му беше нагласено дека не е логично во една држава како Албанија, која се стреми кон Европа и во која се гради демократско општество, малцинските права да се остваруваат само во одредени региони а не на најширока основа.

Муабетот со Мејдани никогаш не беше пријатен, особено кога ќе допревме некоја посуштинска и посуптилна тема од наш интерес. Тој беше секогаш преокупиран со позицијата на Албанците во соседните земји и негов идеал, судејќи според бројни негови изјави и изнесени ставови, беше и останува создавањето Голема Албанија. За другите тој никогаш немаше разбирање! Затоа, и за Албанија е добар фактот што Мејдани, како кандидат за претседател на Социјалистичката партија, на конгресот во декември 2003, доби само 61 глас, Од вкупно 570.

Официјален разговор на оваа тема, веднаш беше баран и со МНР, Паскал Миљо. Бидејќи беше информиран за темата на разговорот, Миљо настојуваше што подолго да ја одложи средбата. Нам не ни се брзаше ама, одвреме-навреме, го потсетувавме неговиот кабинет дека се уште чекаме на средбата. До разговор, сепак, дојде. Разговорот беше крајно непријатен. Миљо не беше спремен да разговара на таа тема. Откако го елаборирав проблемот и информирав дека е тоа став, односно барање на нашата Влада, крајно нервозно, Миљо рече дека тоа прашање за нив е затворено. Му беше реплицирано дека нема затворени туку само решени или нерешени прашања. Ова е нерешено прашање кое бара решавање. Го потсетивме дека пракса на поранешнинот систем беше да ги затвора прашањата, без да ги решава и затоа крајот на тој систем беше доста предвидлив.

Тогаш Миљо, кој е инаку историчар и е без сомнение многу свесен за сите неправди и злоупотреби на историската наука на Балканот, се фати за друга теза. Рече дека и Бугарија тврди дека на Голо Брдо живеат Бугари и дека тие не сакаат да се мешаат во проблемите кои постојат меѓу нас и нив. Веднаш му беше нагласено дека, прво, нема никаква логика преку цела Македонија, каде живеат Македонци, во регониот на Голо Брдо, одалечен 300, 400 км од Бугарија, да живеат – Бугари. Второ, како на историчар, нему му се без сомнение познати сите историски процеси кои се одвивале и во овој регион и сега е (крајно) време да се надминат некои злоупотреби и манипулации. Трето, на Голо Брдо веќе имало училишта на македонски јазик а тоа ги прави ирелевантни сите вештачки дилеми околу тоа прашање. Четврто, добра е неговата констатација дека и Бугарија има аспирации кон луѓето од овој крај, како наводни Бугари, бидејќи тоа потврдува, ipso facto, дека тие не се Албанци. Според тоа, нивни мајчин јазик не е албанскиот и тие треба да учат на својот мајчин јазик. Овозможете им го тоа! А, дали се Македонци или Бугари, лесно ќе се утврди на лице место! Му беше јасно нагласено дека ние, сепак, многу добро се разбравме и дека во една демократска земја, каква претендира да биде Албанија, тие луѓе треба да имаат право да учат на мајчин јазик!

Нервозата на Миљо – растеше. Тој немаше аргументи со кои би можел да се спротивстави. Му беше повторено дека и на двајцата ни е сосема јасно дека тие зборуваат македонски јазик но ако луѓето на Голо Брдо, сепак, го одберат бугарскиот за свој мајчин јазик, го уверував дека Република Македонија ќе пружи макар симболична помош за нивното образование на мајчин јазик! Нека биде тоа и – бугарски!

Миљо веќе беше не само беспомошен туку и бесен. Станавме и двајцата и тој скоро го истурка амбасадорот низ вратата, надвор од неговата канцеларија.

Во разговорот, и покрај тоа што и самиот е историчар, Миљо нагласено држеше остра, непопустлилва линија, водејќи сметка и за својата политичка кариера. Никој од албанските раководители не може, ниту смее да има какво било свое мислење или некаква флексибилност кон две основни прашања: кога се работи за албанското национално прашање, што неизбежно води до Голема Албанија, и кога се малцинствата во Албанија на дневен ред. Миљо директно потврди дека воопшто не е случајно тврдењето дека единствената иднина која ја знааат историчарите е – минатото.

Впрочем, факт е дека и Господ ги толерира историчарите, и за тоа има прецизно објаснување – затоа што се тие единствените коишто можат нешто што дури и тој не може – да го менуваат минатото!

По враќањето во Амбасадата, на Миљо му напишав Писмо, во кое ги елаборирав сите погоре изнесени ставови бидејќи тоа останува како официјален документ. Главна поента беше – нема затворени прашања туку само решени, или не решени. Се што е нерешено а се затвора, еден ден неизбежно ќе експлодира.

Со овие потези беше отворено прашањето за школување на Македонците во Албанија на мајчин јазик, ама македонската страна не покажа интерес тоа да биде на маса и да биде на дневен ред во меѓусебните односи, сè додека не се реши.

По моето ваќање, ова прашање веќе никој не го спомна! Македонската дипломатија и политика – немаат таква димезија!

Во односите со Албанија има повеќе примери коишто ја потврдуваат оваа наша мизерија кога се во прашање фундаменталните интереси на нашиот народ. Додека на Албанците во Македонија им се попушташе во сите сегменти и им се даваа права какви што не ужива ниту едно малцинство во светот, нашата власт ги имаше заборавено Македонците во Албанија. Можеше и мораше да се бара барем минимум реципроцитет. Арно ама – кој да бара? За тоа се потребни лидери, а ние ги немаме. Сè заедно, тоа е резултат на погрешната кадровска политика – погрешни луѓе, на погрешни места. Тоа беше и главната причина зошто пропадна социјализмот. Кадровската политика во независна Македонија, пак, повеќекратно е полоша од таа во Југославија.

Превземено од книгата на амбасадорот Ристо Никовски – МАКЕДОНСКА ДИПЛОМАТСКА РАПСОДИЈА