Ервин Никола: Образованието на македонски мајчин јазик е столб на идентитетот на Македонците во Албанија

Во рамките на 29-от Семинар на Работната група за словенски малцинства во Европа, организиран од Федералната унија на европските националности (FUEN) во соработка со Македонското друштво „Илинден“-Тирана, се одржа тематскиот панел „Позицијата на македонското национално малцинство во Република Албанија“, како и изложбата „Образование на македонски мајчин јазик во Република Албанија“.

На тематскиот панел свое излагање имаше новинарот и претставник на македонското национално малцинство во Албанија, Ервин Никола, кој ја презентираше темата „Предизвиците на наставата на македонскиот мајчин јазик во Албанија (1944–2024)“.

Во своето излагање, Никола направи историски преглед на развојот на наставата на македонски јазик во Албанија, нагласувајќи дека правото на образование на мајчин јазик било овозможено по признавањето на Македонците како национално малцинство во 1944 година.

Тој потсети дека првите организирани форми на настава на македонски јазик започнале уште во декември 1944 година со доаѓањето на наставници од Македонија, кои поставиле темели на образовниот систем на македонски јазик во Преспа, Голо Брдо и Врбник. И покрај недостигот од учебници и наставни средства, тие успеале да создадат услови за образование и културен развој на македонската заедница.

Посебно внимание беше посветено на придонесот на Никола Беровски и Борис Малевски, како и на улогата на истакнатиот писател Стерјо Спасе во развојот на образованието и културата на македонското малцинство во Албанија.

Никола се осврна и на последиците од Резолуцијата на Информбирото од 1948 година, која довела до прекин на албанско-југословенските односи и сериозно го погодила образованието на македонски јазик, особено во областа Голо Брдо.

Во продолжение беше претставен развојот на образованието во периодот по демократските промени во Албанија, кога се отворија нови можности за печатење учебници, развој на медиуми на македонски јазик и институционална поддршка за изучување на македонскиот јазик. Како значајни достигнувања беа истакнати отворањето на лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Тирана и вклучувањето на македонскиот јазик во студиските програми на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.

Говорејќи за современите предизвици, Никола нагласи дека иселувањето на македонското население од традиционалните средини кон поголемите градови создава нови потреби за организирање настава на мајчин јазик надвор од Преспа. Тој истакна дека Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија создава правна основа за проширување на образованието на македонски јазик и во областите Гора и Голо Брдо, како и во урбаните центри каде што живеат Македонци.

Во заклучокот, Ервин Никола повика на поинтензивна соработка меѓу Албанија и Македонија за обезбедување институционална, финансиска и стручна поддршка за наставата на македонски јазик, нагласувајќи дека образованието на мајчин јазик останува клучен фактор за зачувување на националниот, културниот и јазичниот идентитет на Македонците во Албанија.

©Македониум