Делегација на Светскиот Македонски конгрес (СМК) и Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР) на 11 септември 2013 година, ги посети Македонците во селата Рестелица, Круша, Глобочица и Драгаш во Гора на Косово, преку граничниот премин Стрезимир-Рестелица.
Македонците од Гора пројавија интерес за повторно отворање на граничниот премин Стрезимир-Рестелица, кој беше отворен на 15 август 2003 година, но после две години во 2005 година затворен, поради незаинтересираност на косовските власти. Македонците од Гора очекуваат македонската влада да го актуелизира прашањето за повторното отворање на граничниот премин Стрезимир-Рестелица, како најблиска врска со Македонија. Од рестелица до граничниот премин Стрезимир Македонците од Гора имаат пат од 22 км, а од граничниот премин до регионалниот пат маврово-Дебар уште 19 км, вкупно 41. Сега, за влез во Македонија преку Призрен на граничниот премин Блаце потребни им се 182 км пат.
Делегацијата на СМК и СМИР изрази целосна поддршка на барањата на Македонците во Гора на Косово, за прогласување културна автономија на Гора, целосно отварање на граничниот премин Стрезимир-Рестелица 24 часа преку целата година, образование на мајчин македонски јазик во основното и средното образование, формирање на Евро-регионот Шара на тромеѓието меѓу Македонија, Косово и Албанија, и асфалтирање на патот од Рестелица (Косово) до составот на реките Мавровска река и Радика река, на регионалниот пат Маврово-Дебар, во должина од 22 км. Имајќи ја предвид најавата за изградба на браната и хидроцентрала на Луково поле, барањата на Македонците во Гора на Косово е најитна изградба на новиот пат до границата со Косово и изградба на граничен премин Стрезимир-Рестелица како порта на Гора опреку Македонија кон светот.
Делегацијата на СМК и СМИР го посети и седиштето на Македонската-Горанска заедница на Косово во Драгаш, каде беше информирана за организираниот турнир во фудбал одржан на 8 септември 2013 година во чест на Денот на независноста на Македонија. (Македониум)