Васил Стерјовски: Македонскиот јазик е богаство на културата и идентитетот на Македонците во Албанија

Поздравно обраќање на претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски на манифестација по повод 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков.

Почитувана директорке на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова Грујовска

Почитувани присутни

Ми преставува особено задоволство, во името на Македонците од Албанија но и во мое име да ве поздравам на денешната манифестација по повод 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, со своето постоење и делување во изминатите седум децении, стана стожерот на чување и афирмација на македонскиот јазик.

Во своето постоење, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје ги има истражувано и македонските дијалекти во Албанија и има објавено и книги за јазикот и традициите на Македонците во Албанија.

Во изминатите години, со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и директорката Елена Јованова Грујовска, имаме плодна соработка и реализиравме повеќе активности во Албанија.

Тука би ги спомнал заедничката активност на македонското друштво “Сонце” со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кога во ноември 2018 година во Корча, Република Албанија, во просториите на Округот на Корча, организираа промоцијата на четири книги на македонски јазик, издадени од Институтот, поврзани со јазикот и со традициите на Македонците во Албанија и тоа: „Говорот на Македонците во Мала Преспа“ од Гоце Цветановски, „Голо Брдо“ од рускиот автор Андреј Соболев, како и „Записи од мојот крај” и „Поезија и проза од мојот крај” од авторот Крисанта Јанкула од Мала Преспа.

Потоа заедно со професори на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, имаме организирано посета и теренски истражувања во селото Бобоштица во Корча и во областа на Мала Преспа. Заедно и со македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски на два пати имаме организирано и предавања на професори од Институтот за македонски јазик наменети за наставниците што предаваат предмети на македонски јазик во основните и средното училиште во општина Пустец, работна тркалезна маса по повод 100-годишнина од раѓањето на Блаже Конески во музејот на познатиот писател со македонско потекло “Стерјо Спасе” во Глобочени, Општина Пустец како и одбележувањето на Денот на македонскиот јазик и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во училиштето “Трајан Ѓеорѓиевски и Митре Колефски” во општина Пустец.

Се надевам дека нашата соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, ќе продолжи и во иднина, посебно со теренските истражувања за говорните наречја во областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник и другите делови каде што живеат Македонците во Албанија и во делот на книгоиздателството и за ова се надевам дека Институтот ќе има повеќе подршка од надлежните институции од Република Македонија.

Македонците од Албанија го чуваат и негуваат својот мајчин македонски јазик наследен со векови.

Македонците во Република Албанија живеат во педесетина села долж албанско-македонската граница во областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Поле или Долни Дебар и неколку села во околината на Корча, Подградец и Билишта.

Овие области потпаднале под албанската држава во 1923 година кога беа воспоставени конечните граници на Албанија од страна на Меѓународната комисија за разграничување на границите. Освен во селата Македонците се сконцетрирани и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Кукс, Корча, Каваја, Билишта, Подградец, Либражд и други.

Македонците во Албанија претставуваат домородно население во нивните населби во неколку етнички предели. Добар дел од Македонците, ја задржале својата етничка култура: јазикот, усната фолклорна традиција и локалната народна носија како невербален симбол на етничкиот идентитет. Јазикот е македонски со специфични црти на северозападните, западните и југозападните македонски говори, и тоа: во Гора – горански говор; во Голо Брдо – дебарски голобрдско-дримколски говор; во Корчанско – бобоштенски говор; во селото Врбник (Костурска Корешча) – врмнички говор; во Мала Преспа – западнопреспански; во селата Лин и Тушемишта – струшко-охридски, итн.

Македонците од Албанија го зборуваат и албанскиот службен јазик. Македонските говори од Албанија покажуваат изворна архаичност што е последица на нивното одржување во домашниот бит, бидејќи образовниот процес насекаде, освен во основното образование во Мала Преспа, се одвива на албански јазик, како и комуникацијата на државно ниво, во институциите, во јавните гласила и во сите други медиуми.

Македонците во Втората светска војна, го искористија историскиот момент и се вклучија во антифашистичката народно-ослободителна војна на Албанија и заедно со албанските партизани го поразија фашизмот во Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна, уште 1945 година Македонците беа признаени како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Дебар.

Во овие области, Македонците во Албанија го стекнаа правото на образование на својот мајчин Македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција. За жал, во областа Голо Брдо училиштата на Македонски јазик беа дозволени до 1949 година, а во областа Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област, училиштата на Македонски јазик не беа затворени.

Денес македонскиот јазик се изучува во областа на Мала Преспа непрекинато веќе 79 години. Тука според законската регулатива до девето оделение наставата 60% се одвива на македонски јазик, додека во средното образование се изучува и предметот македонски јазик.

Благодарение на залагањето на македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, од идната 2023/2024 академска година на Универзитетот “Фан С. Ноли” во Корча, на катедрата за албански јазик ќе може, како подпредмет (по избор) да се изучува македонскиот јазик и култура во рамките на новата програма „Албански јазик и книжевност и јазикот и култура на малцинствата”. На добар пат е повторно да профунксионира и лекторатот во Тирана.

Современите состојби, бараат да се превземат чекори за изучување на македонскиот јазик насекаде каде што живеат Македонците во Албанија. Единсвената партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, но и македонските здруженија, дадоа голем придонес за зачувување на мајчиниот македонски јазик преку организирање на македонски курсеви во повеќе градови и области во Албанија.

И затоа, бараме помош од албанската, но и од македонската влада, за учење на мајчиниот македонски јазик во сите населени места во Албанија каде што живеат Македонци.

Со донесувањето на позаконските акти за Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија, очекуваме македонскиот јазик да се учи на целата територија на Албанија каде што живеат Македонците.

Македонскиот јазик е богаство на културата и идентитетот на Македонците во Албанија. За Македонците во Албанија е важно да имаат можност да го изучуваат да го студираат и да го користат мајчиниот македонски јазик без дискриминација.

Уште еднаш, ви честитам 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков.

Да го чуваме македонскиот јазик и азбука! Да ја негуваме македонската култура и традиција!

Благодарам