Македонија, 22 години независност


Република Македонија годинава одбележува 22 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со 170 држави во светот, а под уставното име е призната од 135, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија и Кина.

Во изминатите 22 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

Дваесет и вториот роденден од осамостојувањето Македонија го минува во очекување на новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, како и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Дваесет и двегодишнината од независноста во знакот на спортот

Денот на независноста – 8 Септември, под мотото „Нашето единство, наша победа“, се одбележува со повеќе спортски, културни и музички настани.

Од 31 август до 8 септември во рамки на неделата на спортот, покрај редовните спортски активности, се организраат и ревијални настани со цел да се промовира спортот и што повеќе да се анимираат граѓаните.

Дел од активностите се одржуваат во главниот град, односно на борилиштата и на плоштадот „Македонија“, каде се организираат повеќе ревијални настани, а неделата на спортот се спроведува и во останатите градови низ државата.

Посебен акцент е ставен и на редовните спортски натпревари кои се одржуваат во овој период како што се фудбалскиот натпревар Македонија – Велс, ракометниот натпревар од домашното првенство меѓу Металург и Вардар и настапите на Македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство во Словенија. За таа цел се организирани фан навивачки зони во Скопје и во останатите градови.

Во пресрет на одбележувањето потпишан е Меморандум за соработка на Министерството за образование и наука со Факултетот за физичка култура за формирање Институт за спорт. Во рамки на одбележувањето ќе бидат доделени и наградите од областа на спортот.

По повод Денот на незавиноста, в недела ќе биде одржана Свечена академија во Македонската опера и балет на која ќе говори претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а ден претходно прием ќе приреди претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Одбележувањето ќе биде заокружено со концерт на плоштадот Карпошово востание во Скопје.