Претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, денеска оствари посета на Муфтиството во Корча, каде што на муфтијата Ледиан Цикалеши му го честита празникот Рамазан Бајрам.

Во оваа пригода, Стерјовски упати искрени желби за здравје, радост и среќа, нагласувајќи ја важноста на празникот како симбол на духовност, солидарност и заедништво.
„Среќен Рамазан Бајрам на сите верници од исламска вероисповед. Нека овој свет ден донесе мир, благосостојба и хармонија во секое семејство што го слави. Нека надвладее духот на солидарност и разбирање, делејќи ја радоста со оние на кои им е најпотребна“, истакна Стерјовски.
Тој додаде дека толеранцијата и меѓурелигискиот соживот претставуваат темелни вредности кои го зајакнуваат општеството и придонесуваат за негов напредок и стабилност.
Посетата во Муфтиството на Корча се реализира во духот на меѓусебна почит и соработка меѓу заедниците, како важен сегмент од градењето на едно инклузивно и хармонично општество.
©Македониум
