ВОЈВОДАТА КРСТЕ АЛЕКСОВ ЛЕКОВСКИ ОД ЕРБЕЛЕ, АЛБАНИЈА

Кичевската населба “Под Варош” од памтивека била населба за која секогаш меѓу кичевчани, а преку нив и пошироко се “пределе” разни “приказни”. Таа “израснала” во подножјето на Китиното Кале и од дамнина, па и денес е дел од него.

Од секогаш, а и сега “Под Варош” бил и е, расадник на многу повеќе или помалку познати личности.

Еден од нив за кого малку се знае е Крсте Алексов, татко на Борис Алексоски – Карче.
Првиот, војвода и борец за Македонија, а бидејќи крушата под круша паѓа, вториот, прекален комунист, првоборец, и пред сѐ и над сѐ исто како и татко му, Македонец, кој го продолжува татковиот пат , пред, за и по Втората светска војна.

Во записите прочитав дека Крсте Алексов е роден во селото Ербеле, област Поле, односно Долни Дебар, кое се наоѓа на албанско – македонската граница кај Дебар, во 1877 година. Станува збор за македонско село, чии што заштитен знак и денес е црквата од 12 век “Свето Преображение”.

Крсте војвода

Тој на свои 21 година емигрира во Бугарија и до пролетта 1902 година живее во Русе. Потоа се враќа во дебарско – кичевскиот регион и ја продолжува борбата за Македонија во четата на кичевскиот војвода Наќе Јанев Лавчанчето.

За ова во книгата “Војводата Наќе Јанев Лавчанчето”, Боге Петрески, Кичево 2002 година, стои дека меѓу дванаестмината комити бил и “… Крсте Алексоски од Дебарско, кој што едно време бил знаменосец во Наќевата чета…”.

Од овој извор дознаваме дека Крсте Алексов станува војвода во предвечерието на Илинденското востание. Таму, меѓу другото, стои: “…Четата што ја предводел војводата Наќе набргу се зголемила, така што пред востанието таа се поделила на два дела, односно од неа била формирана уште една чета. За војвода на новоформираната чета бил поставен знаменосецот од Наќевата чета и негов долгогодишен другар и соборец Крсте Алексов…”.

За време на Илинденското востание активно бил вклучен и војводата Алексов. За тоа во својата книга “Арсо Мицков (1876-1905) Кичевски војвода” колегата Боге Петрески, ќе забележи: “Војводите Наќе Јанев и Крсте Алексов биле задолжени да се грижат за безбедноста на Горна Копачка”.

Во скудните податоци е забележано дека на 30 август 1903 година, 500 души аскер од дебарскиот гарнизон се обиделе да ја заземат Копачијата, го минале превојот Јама и со еден дел го нападнале селото Душогубица, а другиот дел тргнал кон селото Лавчани.

Храбрата селска чета од Душогубица на чие чело бил војводата Алексов, заедно со Лука Џеров и Лавчанчето како и селските чети од Иванчишта, Ехлоец, Попоец и Малкоец, кои им дошле на помош, успеале да го одбијат нападот.

Но, и покрај силниот востанички отпор башибозукот кој доаѓал преку “Два Камна” го запалил селото Лавчани.

Од 1906 година Крсте Алексов станал самостоен околиски, реонски, војвода на Внатрешната македонска револуционерна организација во дебарско и кичевско со чета од 8 лица. Алексов во 1908 година учествува и во Младотурската револуција. Наредната, 1909 година заминал на лекување во Софија и пак се вратил во Македонија.

На 14 октомври 1909 година во Кичево се венчал со убавата душогубчанка Неда Арсова. Покрај синот Борис, ги имале и ќерките Софика, Менка и Милена.

Инаку, блиски на Борис Алексоски Карче ми рекоа дека тој бил предпоследно родено дете и оти по него била родена сестра му Милена. Борис е роден во Кичево на 10 октомври 1918, а почина во Скопје во 2002 година.

Во записите до кои дојдов за неговиот татко, војводата Крсте Алексов, стои дека починал по 1918 година, што секако отвора простор за секакви претпоставки. Обидувајќи се да дојдам до точната година на смртта на војводата “трагата” повторно ме однесе до книгата на колегата Боге Петрески за војводата Наќе Јанев Лавчанчето. Во неа тој подвлекува дека по Младотурската револуција Крсте Алексов се повлекол од комитскиот живот и оти починал во 1926 година.

Село Ербеле, област Поле, Албанија

Инаку народниот пејач го опеал и војводата Крсте Алексов. Во песната се “вели”:

“Силен ми ветар завеа
од Кичево и од полето,
то не беше силен ветер
тук ми беше силен аскер турски аскер и башибузук.
Сардисаа планините, планините и долините.
Ги здогледа Крсте војвода

ја станете мили браќа, сардисани сме од сите страни, од планините и долините.
Ми станаа комитите, си грабнаа оружјето, ми отпочна лута борба. Аскер викат “Алах”, “Алах”, “Ура”,”Ура”,викат комитите паѓаат жртви неброени. Крсте војвода извика: “Ајде браќа, мили браќа да куртулиме, ставете ги ножовите, запалете ги бомбите, сите браќа ајде по мене.

Петнаесет души си обрач пробија, в горите се најдоа а дванаесет паднаа. Слово држи Крсте војвода, слово држи солзи рони, за своите загинати комити “.

Народот го опеал својот заштитник, а јас се надевам дека овие редови “фрлија” извесна светлина на животниот пат и револуционерното дело на војводата Крсте Алексов и неговото семејство, кое живеело во кичевската населба “Под Варош”, во малечката по димензии, но голема по значение, куќа, на сегашната улица “Доктор Владимир Полежиноски”, куќа на македонски револуционери и куќа која била свратилиште на голем број македонски дејци од пред и по илинденскиот период и куќа во која на 10 октомври 1941 година бил формиран Месниот комитет на КПМ за Кичево, куќа која пред неколку години е срушена, но која ќе остане во трајно сеќавање на постарите, а преку нив и на помладите кичевски генерации.

И овие редови ја имаат истата цел. Затоа и натаму листајте ги Моите страници.

Зоран Јованоски