101-ви број на весникот “Преспа” е веќе во печат

101-виот број на весникот „Преспа“, печатен медиум на македонски јазик во Албанија, е веќе во печат. Со ова издание, „Преспа“ ја продолжува својата значајна мисија, да биде глас на македонската заедница, чувар на јазикот, културата и традицијата, како и сведок на општествените и културните случувања што ја засегаат македонската заедница во Албанија.

Весникот „Преспа“ е основан од покојниот Спасе Мазенковски, чија визија, посветеност и љубов кон македонската кауза оставија длабока и трајна трага. Неговото дело денес претставува жив спомен и силен темел врз кој се гради континуитетот на македонскиот печатен збор во Албанија.

Денес, „Преспа“ се издава под уредништво на главниот уредник Ефтим Митревски, кој со истата одговорност, ентузијазам и посветеност ја продолжува оваа значајна медиумска иницијатива, зачувувајќи ја нејзината автентичност и улога во афирмацијата на македонскиот идентитет.