Предновогодишна средба на Македонците од Мала Преспа во Канада

Македонците со потекло од Мала Преспа, кои живеат и работат во Канада, се собраја на традиционална предновогодишна средба во Торонто, во духот на заедништвото, размислувајќи за годината што изминува и споделувајќи идеи, надежи и планови за новата година што доаѓа.

Оваа македонска заедница претставува пример за трудољубиви, мирољубиви и чесни луѓе, кои успешно се интегрирани во канадското општество, а истовремено длабоко ја негуваат својата национална, културна и духовна припадност. Организирани во Друштвото „Мала Преспа“ во Торонто, тие со години активно придонесуваат за зачувување на македонскиот идентитет во иселеништвото.

Секоја година, по повод празникот Свети Архангел Михаил, заштитник на Македонците од Пустец, организираат традиционален годишен банкет, кој претставува силна врска меѓу генерациите и мост со родниот крај. Покрај тоа, Македонците од Мала Преспа во Канада несебично ги поддржуваат македонските православни црковни општини во Торонто и даваат значаен придонес за обновата на бројни храмови во Мала Преспа, како и за реализација на други општокорисни проекти од значење за Македонците во областа на Преспа.

Со својата постојана поддршка на македонското движење во Албанија и со љубовта кон корените, Македонците од Мала Преспа во Канада се жив доказ дека далечината не ја слабее врската со родниот крај, туку ја прави уште посилна. Тие се вистински пример како се сака и се чува својот народ.

©Македониум