СТЕРЈО СПАСЕ (1914-1989): БЛИЗОК, А НЕПОЗНАТ

Писателот кој на албанската литература на ваесеттиот век ѝ даде свој белег и чии дела се печатени во тираж од милион примероци и се преведени на дваесетина јазици, на својот мајчин јазик (македонскиот) немаше ниту една печатена книга за време на својот живот. Дури по неговата смрт литературната и воопшто пошироката македонска јавност почна да дознава и да го запознава Стерјо Спасе, но постепено и доста бавно, така што дури од неодамна во Република Македонија е отпечатена првата преведена книга означена со неговиот авторски потпис. До неодамна, речиси, беше непознат, иако потекнуваше од национално иста и живееше во географски блиска средина. Покомплетното запознавање на неговото творештво ќе се овозможува во зависност од динамиката на преведување на неговите дела.

Стерјо Спасе е роден на 14 август 1914 година во селото Глобочани (Гломбоч), Мала Преспа, подрачје со исклучиво македонско население, но првите три одделенија од основното образование тој ги завршува на грчки јазик во селото Нивице, бидејќи овој дел од Преспа до 1924 година се наоѓаше под Грција. „Таа есен, пишува С. Спасе во своите записи Писма за мојот внук Ариан (испратени од Македонија и од Косово) – единствен ракопис од неговата оставина, сè уште необјавен, кога татко ми за првпат замина на пазар во Корча, првиот и најголемиот подарок што ми го донесе беше „Азбучникот“ („Абетаре“) на албански… Дотогаш, освен пишувањето на грчки, што го имав учено на училиште, ја имав научено и кирилската азбука, нешто од татко ми, а нешто од братучедот Насто, кој тогаш беше вратен од Америка.

Се сеќавам, како да беше денес, на шлаканицата што ја добив од учителот Крета кога ме виде во училишниот двор во Вича како две другарчиња ги учам кирилска азбука. Албанското писмо беше трето по ред што го учев.“ За првиот допир со албанскиот јазик пишува самиот Спасе во веќе споменатиот ракопис, а потсетувајќи се на денот кога грчките војници го напуштиле неговото родно село. „Напладне, кога погледнав кон Осој, видов војници кои се доближуваа.

Доаѓа кон селото… дедо ми ми рече оти тие се албански војници. Дедо ми, кој знаеше албански, ги поздрави. Јас ги гледав зачудено: Албанци! Така ги викавме ние. Тој ден го научив првиот збор на албански: Шќиптар! Потоа, почнав со буквите што ги учев од книгата што ми ја донесе татко ми. Пролетта 1925 година се отвори првото училиште на албански јазик. Татко ми ме запиша во тоа училиште. Неколку месеци редовно учев. Научив да пишувам, но малку ја познавав албанската лексика. Есента, истата година, татко ми ме испрати во Корча, каде што продолжив четврто одделение.“ Во Елбасан, пак, го завршува средното педагошко училиште, кога кај него се јавува интересирањето за литературата. Имено, педагошката работа ќе ја врши само неколку години, а иако со неа и подоцна, повеќе или помалку, ќе биде зафатен, сепак, литературата ќе му биде основната животна и творечка преокупација – близу шест децении. Веднаш по завршувањето на средното педагошко училиште беше учител во селото Дервичани, во близината на Ѓирокастро, каде што исто така учителствувал. Учител бил и во Корча и Тирана, а две години (од 1938 до 1941 година) престојувал во Фиренца (Италија), каде што студирал педагошки науки.

Иако е Македонец, Стерјо Спасе немал можност да има образование на мајчиниот јазик, ниту пак да го користи македонскиот литературен јазик, но затоа пак во неговото семејство е зачуван убавиот дијалект на Мала Преспа, а значајни се и неговите заложби за зачувувањето на националниот идентитет на Македонците во Албанија, посебно на полето на просветата и на културата (во учебникарството, но и преку неговите дела, како и со бележењето на усното литературно творештво на Македонците од Мала Преспа). Затвореноста на Албанија спрема светот не му овозможуваше подиректна комуникација со уметничкото творештво и воопшто со Македонија.

За време на својот живот, Стерјо Спасе само три пати успеал да ја посети Македонија. Првпат уште во летото 1936 година, кога бил учител во Корча, со група наставници доаѓа до двочасовна прошетка во Преспа, Битола, Охрид и Струга. За впечатоците од ова патување пишува во тогашниот „Весник на Корча“ (бр. 2551-2560, 10-20 јули, 1936 година). По вторпат границата ја поминува во 1972 година, и тоа само на поминување, враќајќи се од Романија.

Третпат во Македонија доаѓа во март 1975 година, кога престојува 15 дена (потоа исто толку време на Косово). Во веќе споменатите записи (пишувани во форма на писма до својот внук Аријан), за престојот во Македонија вели:
„Јас сум сиот восхитен. Восхитот произлегува од тоа што конечно ја посетувам Македонија. Имам причини да бидам восхитен: во Македонија доаѓам да се запознам со историските места… доаѓам лично да видам и да собирам усни и пишани материјали и по можност да се сретнам со постари лица кои можат да посведочат за минатото: доаѓам да трагам низ библиотеките и низ архивите, одблиску да ги запознам наследниците на преродбениците: да ги запознам природата и душата, а по можност и начинот на живеењето, како и амбиентот… Ќе имам можност да ги видам духовното и материјалното богатство на нашите браќа Македонци, кои со векови биеле битка со непријателите, исто како и албанскиот народ. Но разните околности не му овозможувале да се ослободи од ропството, му ги негирале јазикот, културата, егзистенцијата и не го признавале како народ. Тие непријатели беа разновидни, поддржани од големите сили, како што беа турските поробувачи, србо-грчките шовинисти, како и бугарските“, вели Стерјо Спасе во записите – писма до својот внук Ариан, кому притоа му порачува: „Јас и сите членови на семејството сме израснале и сме задоени со албанската култура… но во семејството не заборавајте го и мајчиниот јазик, македонскиот јазик“. Неговиот дом во Тирана постојано бил посетуван од Македонци од Мала Преспа, а во неговото семејство денес се говори изворниот преспански дијалект, зачуван од влијанија. Од „Писмата…“ на Стерјо Спасе посебно е забележлива силната носталгија во секој ред кога пишува за Македонија и за своите предци.

Со својот и разновиден творечки опус, создаван во период долг шест децении, Стерјо Спасе стана едно од најистакнатите имиња на прозната белетристика во албанската литература. Во неа се јавува мошне рано и во еден специфичен период – кога Албанија, набргу по државното конституирање, живееше во апсолутистичкиот режим на монархот Ахмет Зогу – но и покрај тоа една група млади интелектуалци – писатели, генерацијата на С. Спасе (Миѓени, Нонда Булка, Петро Марку и други) внесе промени и ѝ даде белег на албанската литература што почна да се создава, односно што ја создаваа тие во триесеттите години на дваесеттиот век.

Всушност, Стерјо Спасе првите литературни обиди ги прави уште на петнаесетгодишна возраст (пет години откако ќе го слушне првиот збор на албански јазик), поточно уште во средното педагошко училиште, во 1929 година, кога го објавува литературниот запис „Кој истрпува, тој наследува“. Набргу почнува интензивно да објавува раскази, па до 1932 година, кога го завршува средното образование, веќе има објавено педесетина раскази. Инаку, првата печатена книга на Стерјо Спасе е монографијата „Мала Преспа“, издадена истата година во печатницата „Албанија“ во Костанца – Романија. Со неа авторот ги изразува приврзаноста и љубовта кон родниот крај, па иако ја објавува на осумнаесетгодишна возраст, и денес таа има историска и пред сё етнографска вредност. Монографијата е составена од три дела, и тоа: географска положба (население, села), економска состојба (живот, облека, образование) и обичаи: свршувачка, свадба, раѓање, смрт. Всушност, селото, егзистенцијалните проблеми и социјалните противречности ќе бидат главните тематско-мотивски координати во неговото прозно творештво, првенствено во она што го создаде до шеесеттите години.

Најзначајниот дел од творечкиот опус на Стерјо Спасе се расказите и романите – автор е на седум книги раскази и на единаесет романи. Интензивното објавување раскази во почетокот на триесеттите години е заокружено со објавувањето на збирките раскази „Венец на младоста“ и „Прегратките на една жена“, и двете печатени во 1934 година. Само една година подоцна (1935) е публикуван неговиот прв роман „Зошто“, кој со децении ќе биде едно од најчитаните дела во албанската литература, а ќе биде и едно од најприфатените негови дела кај литературната критика. Во тоа време, излегувањето од печат на ова дело беше своевиден настан за албанската литература. Тогашните литературни проследувачи на албанската литература не беа навикнати на поголеми и на посмели промени во својата литература, но веднаш дојдоа позитивните одгласи, кои ги имаше и од други литературни средини. Во 1937 година познатиот славист и професор на Екол нормал супериор во Париз, Французинот Андре Месон, во писмото до С. Спасе, меѓу другото, напиша: „Вашиот роман ’Зошто‘ ми остави силен впечаток, бидејќи во него до израз доаѓа контрастот меѓу селската група и новиот селанец кој станува граѓанин, драма на сите земји и на сите времиња, но Вие направивте таа драма да живее во рамките на Вашето место, во ваше време…“.

Првиот роман на Спасе „Зошто“ на македонски јазик е објавен кон крајот на 1992 година (во издание на „Култура“, кога беше отпечатени зборникот „Македонски народни песни од Мала Преспа“, запишан од С. Спасе, а песните ги испеала неговата сопруга Николина Спасе – издание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“), но дотогаш во Република Македонија, на македонски јазик, беа објавени само два-три фрагменти од неговото творештво. Во предговорот на ова издание на романот проф. д-р Гане Тодоровски ќе ја даде основната карактеристика на делото: „Во романот на младиот раскажувач делумно и индиректно е втисната неговата животна повест, вклучен е обид да се изнесе едно недоволство од одредена стварност, еден своевиден бунт против неа, раскин со средината и со традицијата, со се она што му тежи на младиот човек што е распнат на преминот село – град и патријархалниот морал и товарот или оковите на феудалните поимања на животот. Жестока осуда на животот вее од страниците на ова дело порабено со трагично финале – самоубиство на главната личност, Џон Завери. Песимизам и нихилизам сеат страниците на романов што носи обвинувачки наслов.“ Триесетина години по појавата на „Зошто“ Реџеп Ќосја ќе рече дека „главниот лик во романот ’Зошто‘ не ја симболизира темната страна на личноста, ами гледајќи пошироко преку таквата личност е дадено одразувањето на совеста во целата интелигенција во Европа меѓу двете светски војни“. Имено, своевремено Константин Папa во американскиот весник „Диели“ ќе напише: „Не може да се заборави дека едновремено во Европа се објавуваат дела како ’Зошто‘ од Стерјо Спасе и ’На запад ништо ново‘ од Ерих Марија Ремарк и други, во кои песимизмот не беше чекор назад, ами тоа повеќе беше една асоцијација на мислата, правец кон една вистина.“

Во 1944 година Стерјо Спасе ги објавува книгата раскази „Невеста без вел“, што исто така во тоа време имаше забележливи одгласи и свое видно место во албанската литература, и романот „Афродита“. Овој роман се појави во посебни општествени околности, што беше причина да биде прифатен од читателите, односно да си најде забележливо место во училишната литература, но исто така беше забележан и од литературната критика. Ќе остане запаметен по карактеристиките што авторот преку главниот лик му ги дава на ликот на учителот, односно како дело кое истовремено е и социопедагошко, поставувајќи и помодерни просветни принципи. Заклучно со овој роман кај Стерјо Спасе завршува творечката фаза на критичкиот реализам, но истовремено останува приврзаник на соцреализмот, на кој не му останува доследен до она време до кога што се бараше од политиката, што ќе биде и основната причина во еден подоцнежен период неговите дела поретко да се печатат, што пак се одразуваше и врз темпото на работа кај авторот. Во 1952 година го објавува романот „Тие не беа сами“, во кој повторно пишува за селото, но истовремено делото има и историска димензија (се работи за првите децении на дваесеттиот век). И ова негово дело, впрочем како и сите негови белетристички остварувања, е преобјавувано, но за второто издание е врзан еден интересен податок. Од него е изоставен еден дел на македонска тема. Овој роман, всушност, е првото дело на Стерјо Спасе што е преведено на македонски јазик – го преведе познатиот учител и учебникар во Албанија Никола Беровски, во редакција на синот на авторот Илинден Спасе, а е објавен во Тирана дури по смртта на Стерјо Спасе. И за овој роман во странската литературна критика ќе се појават позитивни одгласи. Францускиот критичар Рене Жугле (во списанието „Европа“, Париз, мај-јуни 1959 година) ќе го нарече книга на хуманоста и „дело со високи одлики“. Позитивни оценки се изречени и по германското издание на ова романескно остварување на Спасе. Во 1954 година е објавен романот „Афродита повторно на село“, што претставува втор дел, односно продолжение на претходно објавениот роман „Афродита“. Четири години подоцна излегуваат од печат книгите раскази „Поздрав од селото“ и „Земјата на Кинезите“ (ја објавува заедно со Фатмир Ѓата). Во 1963 година ја објавува книгата раскази „Младински венец“, а во 1966 година „Соколка и други раскази“/. Во 1965 година го објавува романот „Крај езерскиот брег“ (тема – колективизацијата на селата во јужна Албанија). За селото објави уште еден роман – „Огнови“ (1972 – за животот во северна Малесија), кој на работната маса на авторот ќе стои десетина години пред објавувањето. Не поради бавното пишување, туку поради тоа што не беше во согласност со нормите социјалистичкиот реализам, односно онака како што бараше да се пишува режимот.

Затоа, по неколкугодишна пауза во работата на прозната белетристика ќе ги напушти актуелните теми (претежно за селото), дури и наметнати од режимот, и ќе го преокупира историската тематика, па го почнува циклусот од пет романи „Преродбеници“. Во првиот роман „Будење“ (1974) го обработува периодот од 1885 до 1887 година (до отворањето на првото училиште во Корча). Во 1975 година излезе од печат и вториот роман „Предводници“, во кој е опфатен периодот од 1900 до 1907 година, а во него станува збор и за главните организатори на македонското револуционерно движење, односно и за борбата на македонскиот народ за ослободување. И во другите негови романи од овој циклус: „Или смрт или слобода“ (1978), „Востаниците“ (1983) и „Денес или никогаш“ (1989) е опфатен еден поширок простор – балканскиот, но и подолг временски распон и бројни ликови од повеќе национални средини. Македонската тема во нив е поприсутна благодарение и на престојот во Македонија и материјалите што ги собира за тоа, но македонската тема во неговото творештво е присутна и во подоцнежниот период кога попуштаат стегите на владејачкиот режим во неговата земја. „Соништата, замислите на писателите не се остваруваат потполно, секогаш ќе им остане по нешто неисполнето. Така и Стерјо Спасе имаше големи планови, сакаше да напише за македонскиот егзодус, за македонските деца избегани по Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, за опустошените села на тој дел од Македонија“, ќе напише подоцна синот на авторот Илинден Спасе.

Обемниот творечки опус, преводите на дваесетина јазици, како и оценката на странската литературна критика за вредностите на неговите дела, овозможи името на Стерјо Спасе да се најде и во повеќе енциклопедиски изданија (француската Голема енциклопедија, општата германска, малата бугарска енциклопедија, советската и други). Во светската литературна критика ќе остане забележано дека „е еден од оние писатели кои го имаат развиено чувството на времето и како такви се побунети, негирајќи ги пред сё јаловите надежи… неговите дела покажаа дека станал писател – симбол на едно општество и на еден период“, дека „Стерјо Спасе е писател со цврста историска меморија, литературна и уметничка концепција на историските фигури“. Неговата величина во албанската литература, но и неговото забележително место во европската литература, без сомнение ќе беа уште поголеми доколку Стерјо Спасе не создаваше во еден крајно ригиден идеолошки режим, кој имаше силна контрола и влијание врз литературата и севкупното творештво и уметноста во таа земја.

За преводната литература во Албанија, С. Спасе е значаен и по плодната преведувачка дејност. Поезија и раскази препејувал и преведувал за периодиката, а меѓу најзначајните преведени дела се: „Клетници“ од Виктор Иго (1934), „Колибата на чичо Том“ од Х. Б. Стоу (1943), од бугарски јазик ги превел романите „Снаа“ на Ѓорѓи Караславов (1957) и „Под Игото“ на Иван Вазов (1960), збирката раскази од Јордан Јовков „Албена“ (1966), во негова редакција и препев на албански јазик е отпечатена и Антологија на бугарската поезија, а направил препеви од творештвата на Вапцаров и Христо Смирненски. Преведувал уште и од грчки и од руски јазик. Заедно со Спиро Чомора ја превел и поемата „Скендер бег“ на Григор Прличев.

Освен седумте книги и раскази и единаесетте романи, Стерјо Спасе има објавено уште десетина други книги од повеќе области, првенствено учебници и прирачници по литература за средното образование, монографии, патописи, записи… Голем број од стручните написи за образованието објавил во неговата книга „Педагошки рефлексии“ (1987). Автор е на „Граматика на албански јазик за основното образование“ (1951), потоа, „Теорија на литературата“, „Странски литератури (класицизам, романтизам, реализам)“, Фолклорот во Албанија“, а на учебниците и помошната литература на македонски јазик, наменети за основното образование на мајчин јазик на децата од македонската национална припадност, што излегле од печат во 1968 година, редактор бил Стерјо Спасе. Рецензент или редактор бил и на учебниците што излегуваа по 1976 година, а негови куси раскази на македонски јазик се објавени и во тие изданија.

Вкупната творечка актива на Стерјо Спасе изнесува повеќе од пет илјади страници, со многу преобјавувања и преведувања во вкупен тираж повеќе од еден милион примероци. Се здобил со образование и пишувал на албански јазик и се афирмира како едно од водечките имиња на албанската литература на дваесеттиот век. Ѝ припаѓа на таа литература, па иако во специфични политички, идеолошки и културни околности, сепак, тој во рамките на можностите, ѝ е приврзан и на својата национална култура, односно и на својот мајчин јазик, што ќе се рефлектира и врз неговото творештво.

Токму затоа тој заслужува и вистинско запознавање и посоодветен третман и во македонската литература, односно од истражувачите на македонската книжевна историја. И Стерјо Спасе е еден до оние писатели, првенствено од поблиското литературно минато, на кои македонскиот јазик им е мајчин, а создаваат на јазикот на средината во која живеат (туѓојазични). Бездруго, не треба и тој да ја доживее судбината на некои од нив – во нашата средина да не бидат доволно познати, односно преведени на мајчиниот јазик. Уште повеќе што Стерјо Спасе веќе почнавме да „го откриваме“.

(„Нова Македонија“, ЛИК, 1992)