Европската слободна алијанса (EФА): со декларација (објавена на нејзината веб страница) го повика Советот на Европа да продолжи одблизу да ги следи малцинските права во Бугарија. Групата потсетува дека ова прашање ќе биде на масата на Комитетот на министри на втори декември, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на први октомври годинава одлучи да го затвори пост-мониторинг дијалогот со Бугарија и наместо тоа да го разгледува нејзиниот напредок во рамки на периодични прегледи. Од ЕФА предупредуваат дека намалувањето на меѓународниот надзор врз Бугарија би го поткопало кредибилитетот на системот за заштита на човековите права, бидејќи земјата не ги спровела одлуките на Европскиот суд за човекови права.

„На втори декември, Комитетот на министри ќе се состане за да одлучи дали да продолжи да ги следи кршењата на малцинските права од страна на Бугарија или да го намали меѓународниот надзор во ова прашање. ЕФА го повикува Комитетот на министри да одржува засилен мониторинг врз Бугарија сè додека не се постигне опипливо и проверливо почитување на малцинските права“, повикува Европската слободна алијанса.
Оттаму изразуваат загриженост за состојбата со малцинските права во Бугарија.
„Земјата продолжува да одбива да ја признае македонската заедница и да регистрира која било македонска организација, кршејќи го членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Меѓународни тела како што се Европскиот суд за човекови права и самиот Комитет на министри на Советот на Европа постојано препорачуваат да се преземат потребните мерки. Бугарија, исто така, избегнуваше да ги спроведува одлуките донесени од овие институции“, потенцираат од ЕФА.
„Не би разбрале, доколку Советот одлучи за предвремено затворање на мониторингот по ова прашање. Тоа би го поткопало авторитетот на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) и кредибилитетот на системот за заштита на човековите права на Советот на Европа“, порачува потпретседателот на ЕФА, Керем Аптурахим Оглу.
Од групата потсетуваат дека Советот го следел почитувањето на правата на малцинствата од страна на Бугарија, откако ЕСЧП утврдил дека правата на македонското малцинство се прекршени – Македонците не се признати, а македонските организации не се регистрирани. Како еден од примерите ја посочуваат ОМО Илинден-Пирин.
Претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакале, повикува целосно да се почитуваат демократските права на македонското малцинство во Бугарија.
„Го повикуваме Комитетот на министри на Советот на Европа да ги зголеми своите дипломатски и политички контакти со Бугарија, така што ќе дејствува во согласност со највисоките демократски стандарди утврдени од европските и меѓународните организации“, порача таа.
