Друштвото на Македонците од Мала Преспа во Канада ќе го прослави празникот на својот заштитник, Св. Архангел Михаил, со традиционален банкет кој ќе се одржи во сабота, 22 ноември, во Конгресниот центар во Мисисага.

Овој значаен настан, кој ги обединува Македонците со потекло од областа Мала Преспа во Албанија, веќе традиционално се организира од друштвото „Мала Преспа“. Целта на банкетот е да се зачуваат и негуваат македонските традиции и културното наследство далеку од родниот крај.
Во изјава за весникот „Македониум“, претставникот на друштвото, Владимир Терпо, истакна дека поканетите се сите Македонци, не само оние со корени од Мала Преспа.

„Ги покануваме сите Македонци на овој традиционален македонски банкет со македонска музика да го обележиме празникот Св. Архангел Михаил и македонските традиции. Ова е настан на кој се чувствуваме како дома и каде што го славиме нашето македонско потекло, рече Терпо.
Очекува банкетот да биде место на топла македонска атмосфера, каде што ќе се слушаат омилени македонски мелодии и ќе се сретнат пријатели и познаници од целата македонска заедница во Канада.
Настанот претставува уникатна можност за сите етнички Македонци кои живеат во Канада да се запознаат, да разменат спомени и да ги негуваат македонските традиции заедно.
Друштвото „Мала Преспа“ во Канада е централна организација што ги обединува Македонците кои имигрирале од областа Мала Преспа, Албанија. Друштвото е активно во одржувањето на културните традиции, организирајќи настани и градејќи мостови меѓу генерациите Македонци во нивната нова домовина.
©Македониум
