ВО АЛЕЈАТА НА ВЕЛИКАНИТЕ СЕ ОТКРИ СПОМЕН-БИСТА НА КОМАНДАНТОТ ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГОЧЕ

На 4 ноември 2025 година, во Алејата на великаните на градските гробишта БУТЕЛ, се одржи комеморација со откривање на спомен-биста на Илија Димовски – Гоче, командант на Првата македонско-егејска ударна бригада на Народно-ослободителната војска на Македонија.

Една благородна иницијатива на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје и Светскиот Македонски Конгрес, со донација на Македонците во Австралија и Канада се реализира со реконструкција на гробното место на легендарниот командант Илија Димовски Гоче. Од запустен и од речиси сите заборавен гроб, со финансиска поддршка на Македонци од Австралија и Канада, вечното почивалиште на Илија Димовски Гоче во алејата на великаните на градските гробишта Бутел добива уредено гробно место со спомен-биста за вечен помен и спомен на еден прекален Македонец, борец од Втората светска војна.

Присутните ги поздравија Ташко Јованов и Тодор Петров. За животот и делото на командатот Илија Димовски Гоче зборуваше д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн, Австралија.