Незаборавна вечер во Швајцарија, со учество на фолклорни друштва од сите делови на етничка Македонија

Незаборавна вечер на 1 март во Бургдорф, со учество на фолклорни друштва од сите делови на етничка Македонија и тоа:

– “Пирински глас“ од Пиринска Македонија, Бугарија
– Група “Македонци“ од Егејска Македонија, Грција
– Македонско друштво “Сонце“ од Мала Преспа, Албанија
– КУД “Ефрем Каранов“ од Кратово, Македонија
– КУД „Св. Наум Охридски“ од Тринген, Швајцарија, кои воедно беа и домаќини и организатори на настанот.

Манифестацијата започна со македонската државна химна во изведба на групата “Дрим тим“ а ја отвори со поздравен говор и благослов отецот Горан Мантароски, свештеник при МПЦО “Св. Наум Охридски“ Тринген и МПЦО “Собор на сите македонски светители“ од Лозана.

Благодарници за заслуги од организаторите КУД „Св. Наум Охридски“ им беа доделени на гостите: Васил Стерјовски, Претседател на единствената македонска партија МАЕИ од Мала Преспа, Албанија; Љупчо Маринковски, кореограф при КУД “Ефрем Каранов“ од Кратово и долгогодишен играорец во „Танец“; Ристо Џупанов, член на претседателството на ОМО “Илинден“ Пирин и долгогодишен активист од Пиринска Македонија; Јанче Giannis Strilianoy, основач на КУД “Македонци“ од Егејска Македонија, човек за кого е напишана песната “Велат не нема“.

На оваа манифестација беа присутни претставници и делегации од трите црковни општини во Швајцарија (Тринген, Лозана и Локарно), како и претседатели и претставници од многу македонски друштва и клубови во Швајцарија.

Македонски Национален Совет ги поздрави домаќините и им честита на беспрекорната организација, а МНС организираше и штанд на кој се потпишуваше петицијата за Македонската Амбасада во Берн. Беа собрани околу 250 потписи.

Оваа досега невидена културна манифестација во Швајцарија духовно ги обедини Македонците од сите краишта на Македонија, а играорните групи преку изведба на македонските ора и песни ги растреперија срцата и ги навлажнија очите на сите присутни во салата. Групата “Македонска булка“ ја освежи вечерта со автентична изведба на стари македонски песни.

Настанот беше сниман од новинарска екипа од Алфа Телевизија од Македонија (прилог ќе биде емитуван во Утринска емисија на Алфа ТВ).

Честитки за организаторите од КУД „Св. Наум Охридски“ Тринген, нека ова им стане традиција со која ќе не радуваат секоја година.

©Македониум