На денешен ден, пред 147 години, на 17 октомври 1878 година, во Кресна започна Македонско востание!

Македонското востание во 1878 година во македонската историографија е познато под името Кресненско востание, а во бугарската историографија како Кресненско-разлошко востание.
Македонското Кресненско востание е востание на Македонскиот народ против отоманската власт, кренато на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година во селото Кресна, во долината на реката Струма во Пиринскиот дел од Македонија.
Големата источна криза 1875-1881 година, Руско-турската војна 1877-1878 година, Санстефанскиот мировен договор од 3 март 1878 година и Берлинскиот конгрес 13 јуни-13 јули 1878 година имале силно влијание во Македонија. Најголема причина за оружена борба за ослободување на Македонија предизвикал членот 23 од Мировниот договор на Берлинскиот конгрес, кој се однесувал на Македонија и предвидувал нејзина автономија, но во рамките на Османлиското Царство.
Главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци – учители, трговци, свештеници, меѓу кои охридскиот митрополит Натанаил Охридски и познатиот македонски револуционер учителот Димитар Поп-Георгиев Беровски кој две години претходно бил главен водач на Разловечкото востание, познатиот македонски војвода од тој период Стефо Николов, познатиот македонски револуционер поп Коста Буфски од село Буф-Леринско и неколкумина други македонски војводи.
При подготовките за востанието најмногу се сметало на четите кои би се формирале од доброволци – Македонци-ополченици во Бугарија кои по завршувањето на Руско-Турската војна 1877-1878 година останале таму. Искуствата покажале дека за успех на востанието потребни се чети од Македонија кои веќе ги крстосувале македонските планини, а кои немале никакво влијание од соседните држави Бугарија, Србија и Грција.

На состанокот одржан на 8 септември 1878 година во Рилскиот Манастир, свикан од Натанаил Кучевишки, а на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата Дедо Иљо Марков Малешевски, било решено да се повикаат сите чети. На ова советување бил прифатен предлогот на војводата Стојан Карастоилов, востанието да започне со напад на Кресна под негово раководство.
Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При нападот на турскиот гарнизон, на востаниците им се предале 109 турски војници. По ослободувањето на Кресна, востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Беровско, Делчевско, Демирхисарско, со голема слободна територија.
Една од првите мерки на востаничките водачи по ослободувањето на селата, била да воведат нова месна административна власт, да извршат мобилизација за пополнување и формирање на нови чети, како и избор на воено-востаничко раководство. На општото собрание востаниците за началник на штабот го избрале Димитар Поп-Георгиев Беровски, а за прв војвода на четите Стојан Карастоилов.
Уште во почетокот на востанието биле изработени Правила на Македонскиот востанички комитет или Привремени правила за организација на Македонското востание. Правилата претставувале законодавен акт за време на Востанието, а со нив бил регулиран целиот социо-економски и општествено-политички живот на востаничките територии, но и на целата територија на Македонија. Кон крајот на декември 1878 година, Правилата биле преработени. Наместо поранешните 232 члена, по преработката имале 211 члена. Во уводниот дел се истакнуваат причините за Востанието.

“Познато ни е на сите нам, дека нашата несреќна земја Македонија поради причини за егоистични цели од страна на големите сили и’ е оставена на Турција по Берлинскиот конгрес. Како резултат на тоа, во одделните области на нашата татковина дојде до многу кравави настани секому познати. Во желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секој од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв која ја пролеваме низ полињата и горите македонски, ние служиме како македонската војска на Александар Македонски, за слободата, со нашата девиза: Слобода или смрт! Меѓутоа, поради настаните и ослободувањето на голем број села од нашите востаници и потребата да се воведе ред во земјата каде дејствуваат востаниците, решивме да донесеме Правила од Македонскиот востанички комитет, односно Устав, по кој сите ќе се управуваме и сите ќе го исполнуваме, додека не ја ослободиме нашата татковина Македонија!“
Македонското Кресненско востание претставува и прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Мешањето на бугарските таканаречени добротворни комитети “Единство“, посебно Софискиот и Џумајскиот комитет, во востанието и водењето на борбата, довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери. По борбите во Разлошката котлина, Софискиот комитет “Единство“ испратил комисија од тројца комесари кои од своја страна спровеле воен суд за Стојан Карастоилов и луѓето блиски до него, пресудата гласела смрт.

Смртната казна врз Стојан Карастоилов била извршена на 6 декември 1878 година, додека пак Димитар Поп-Георгиев Беровски се спасил благодарение на охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки, кој патем е роден на 26 октомври 1820 во селото Кучевиште, скопско, а починал на 18 септември 1906 година во Пловдив. Беровски ја задржал должноста војвода во областа Каршијак, но и таа подоцна му била одземена. На тој начин, македонските војводи биле отстранети од раководењето на востанието, а тогаш главен раководител на востанието станал Софискиот комитет “Единство“.
Меѓутоа, набргу доброволците почнале да ги напуштаат востаничките редови, а тројцата комесари неможејќи да ја контролираат ситуацијата се вратиле во Бугарија.
Во средината на февруари 1879 година, командантот на турскиот гарнизон во Петрич ги повикал селаните да се предадат од востаничката територија. Барањето било одбиено, по што турската војска започнала со своја акција. Хусеин бег од Петрич со 8.000 аскер и башибозук, нерегуларни воени сили, удрил на востаничите редови. Напредувањето на Турците било постепено и внимателно.
Раководителите на востанието, најверојатно поради стратешки цели, голем дел од востаниците ги испратиле во внатрешноста на Македонија во Битолско, Воденско и Костурско за да го кренат и таму населението на востание.
На 14 мај 1879 година востаничкиот комитет од Малешевските планини испратил повик до целото население на востание, но одзивот бил многу мал. Од друга страна, деморализирачки врз населението и востанието била и веста, дека руската војска која се наоѓала во Горна Џумаја си заминала, по што Турците почнале да се враќаат во Горно-џумајско. Четите во внатрешноста на Македонија од Градец на Вардар заминале на територијата меѓу Вардар, Мариовските планини и Демир Капија, со цел да го кренат населението, но неуспешно… Истовремено, со деморализацијата на востаничките редови и доброволните чети дошло до слабеење на активноста на комитетите “Единство“ во Горна Џумаја, Софија, Ќустендил и Пловдив, поради напуштање на членството.

Поради таквата состојба, митрополитот Натанаил Кучевишки заминал за селото Падеж и таму на 6 јули 1879 година издал наредба за демобилизација на четите и собирање на оружјето кое требало да се складира во селото Бураново. Со тоа, Македонското Кресненско востание завршило.
Во почетокот на јули 1879 година престанале секакви дејствија во однос на востанието, но со доаѓањето на Турците во Горна Џумаја започнало бегство на населението од Џумајската каза и од внатрешноста на источна Македонија. Околу 25.000-30.000 христијани заминале во Бугарија и тоа била една од првите поголеми миграции на населението од Македонија во Бугарија. На местата на избеганото населението почнале да се доселуват муслимани од Бугарија
