Во организација на Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб и Македонскиот културен форум од Пула, на 16, 17 и 18 октомври годинава во Пула се одржувa Дванаесетта меѓународна тркалезна маса на тема “Македонските судбоносни и идентитетски премрежја“.

На тркалезната маса учествуваат академик проф.д-р Љупчо Коцарев од Скопје – Македонија, вонреден проф.д-р Мими Ѓорѓоска Илиевска директор на Македонскиот културен центар во Загреб – Хрватска, проф.д-р Драгица Поповска историчар од Скопје – Македонија, проф.д-р Елка Јачева Улчар лингвист од Скопје – Македонија, д-р Ицо Најдоски Перин историчар од Мелбурн – Австралија, Кочо Топузовски писател и публицист од Крушево – Македонија, проф.д-р Теон Џинго историчар од Институтот за национална историја – Македонија, Диме Ратајкоски директор на Македонскиот културен центар во Истанбул – Турција, и м-р Никола Ристевски публицист и продуцент од Свети Николе – Македонија.
На 16 октомври во црквата “Свети Фрањо” во Пула се одржа репрезентативна изложба на уметнички фотографии од Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски по повод 50 години од творештвото на македонскиот фотограф Милан Џинго.
Вчера беше отворена и репрезентативна изложба на документарни фотографии на македонски револуционери, јавни дејци и нивните семејства од крајот на XIX и почетокот на XX век.
Дванаесетта меѓународна тркалезна маса вчера беше свечено отворена во Градската библиотека и читална – Пула. Македонската пејачка група “Деспина” во состав Драгица Жарковиќ, Вецка Климан, Марица Матошевиќ, Анита Гргориниќ, Мирсада Црнчевиќ, Јадранка Лабињан, Гордана Лопариќ, Коцана Миќановиќ, Милена Стојкоска – Рамовиќ и Миладин Миќановиќ под диригентската палка на Тони Перииќ ги испееја македонските народни песни “Болен ми лежи Миле Поп Јорданов”, “Ја излези, стара мајко” и “Заветна”.

Во работниот дел на меѓународната тркалезна маса, под модераторство на проф.д-р Теон Џинго, денес реферираа: академик проф.д-р Љупчо Коцарев на тема “За колективната траума на Македонците”, проф.д-р Елка Јачева Улчар на тема “Сто години од првото политичко меѓународно признавање на македонскиот јазик”, проф.д-р Драгица Поповска на тема “Оперското творештво на Кирил Македонски” и д-р Ицо Најдовски Перин на тема “Македонската православна црква во светот”.
Пред присутните беа претставени две нови македонски книги: Кочо Топузовски ја претстави книгата “Слова за македонскиот непокор” од проф.д-р Љупчо Коцарев издадена 2024 година. А, проф.д-р Елка Јачева Улчар ја претстави книгата “Речник на топонимите од Воденско” од Елка Јачева Улчар, Мери Јосифовска и Весна Миовска, во издание на Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков” во 2024 година.
Утре на меѓународната тркалезна маса, под модераторство на проф.д-р Теон Џинго, ќе реферираат: Кочо Топузовски на тема “Предавството како македонска судбина – кон 120 годишнината од загинувањето на претседателот на Крушевската Република – Никола Карев”, Диме Ратајковски на тема “Револуција во кадар: фотографијата во македонското револуционерно движење”, проф.д-р Теон Џинго на тема “ВМРО (обединета) – Еквилибриум меѓу македонскиот национализам и советскиот болшевизам”, м-р Никола Ристевски на тема “Туристичкиот потенцијал на Македонија: Туризмот како силна алатка за економски развој и промоција на македонскиот идентитет”, и вонреден проф.д-р Мими Ѓоршоска Илиевска на тема “Читајќи ги знаците во животот и делото на Илинка/Илинденка Петрушева (1944-2025)”.

Покровители на одржувањето и на годинашната традиционална меѓународна тркалезна маса се Советот на националните малцинства при Владата на Република Хрватска, Истарската Жупанија, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб, Управниот оддел на Италијанската национална заедница и другите етнички групи на градот Пула, и Управниот отсек за култура на градот Пула.
Коорганизатори на меѓународна тркалезна маса се Македонскиот културен форум во Пула, Македонската православна црковна општина “Свети Јоаким Осговски” во Пула, Советот на националните малцинства на град Пула и Градската библиотека и читална Пула.
И годинава меѓународната тркалезна маса ја следеа поголем број Македонци и Хрвати, пријатели на Македонија и Македонскиот народ.
©Македониум
