Постхумна награда и признание за Спасе Мазенковски

Доделена постхумна награда на Спасе Мазенковски од страна на меѓународниот поетски фестивал „Охридски поетски бисер“, кој годинава го одбележа својот јубилеј – десетгодишнината од постоењето. Наградата ја прими неговата ќерка, Елеонора Мазенковска Стојан.

Во 2018 година, Советот на општина Пустец постхумно го прогласи Спасе Мазенковски за почесен граѓанин на општината, во знак на признание за неговото несебично залагање во унапредувањето на правата на Македонците во Албанија, како и за неговиот огромен придонес како новинар, писател, публицист и афирматор на македонската култура и историја во земјата.

Спасе Мазенковски целиот свој живот го посвети на афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет, како и на борбата за подобрување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Тој живееше и твореше во родното село Леска, во областа Мала Преспа. Роден е во 1951 година, а почина на 30 мај 2018 година. Погребан е на гробиштата во Леска.

Мазенковски беше основач и претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“, основач и главен уредник на весникот „Преспа“, како и основач на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Учествуваше во сите значајни активности на Македонците во Албанија од 1990 година до неговата смрт.

На македонски јазик објави повеќе поетски збирки и книги, меѓу кои: „Преспа моја“, „Разбојна китка“, „Торбулето на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспана“, „Рѓосани бисери“ и „Историја на Македонскиот народ во Албанија“. На албански јазик ја издаде книгата „Историја на Македонскиот народ“.

Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писатели „Новиот свет“ во Албанија.

Делото на Спасе Мазенковски останува траен симбол на борбата и посветеноста кон зачувувањето на македонскиот национален идентитет и културно наследство во Албанија.

©Македониум