Прашањето за интересот на бугарската политика кон Македонците во Албанија (1912–2025)

По поделбата на Македонија, дел од етничката територија на македонскиот народ останува во границите на Албанија, што уште од самиот почеток станува предмет на засилен бугарски интерес.

Македонското национално малцинство од 1912 година до денес е претежно сконцентрирано долж албанско-македонската граница во неколку области.

Во областа Голо Брдо има 21 село: Студено, Стеблево, Требиште, Врница, Мало Острени (Малестрени), Големо Острени, Клење, Пасинки, Владимерица, Ѓиноец, Окштун, Којовци, Лешничани, Радоешта, Себиште, Смолник, Тучепи, Оржаново, Борово, Забзун и Заборѓе. Надвор од Голо Брдо постојат села со мешано македонско и албанско население: Терново, Миреши, Торбач и Вишишта.

Во областа Поле (помеѓу Маќеларе и Пешкопеја) има три села: Горно Крчиште, Долно Крчиште и Ербеле.
Во областа Мала Преспа има девет села: Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско и Церје.

Во областа Гора има девет села: Шиштеец, Орешек, Цернелево, Борје, Оргоста, Запод, Кошаришта, Пакиша и Очикле.
Исто така, постои и селото Врбник, североисточно од Корча кон Билишта, на албанско-грчката граница во правец кон Костур.

Овие области подпаднале под албанската држава во 1923 година, кога Меѓународната комисија за разграничување ги воспоставила конечните граници на Албанија.

Македонците, после неколку големи миграции во текот на XX и XXI век, се населуваат и во поголемите албански градови: Тирана, Драч, Елбасан, Кукс, Корча, Каваја, Билишта, Подградец и Либражд.

Бугарија, следејќи ја својата национална идеологија и геополитички амбиции, континуирано го насочува вниманието кон Македонците во Албанија, настојувајќи да ги прикаже како „дел од бугарскиот народ“. Преку дипломатски претставништва, културно-просветни мисии, црковно-училишни активности и поддршка на вооружени формации во првата половина на XX век, бугарската држава се обидува да изгради влијание и контрола врз ова население.

Во времето на комунистичка Албанија (1945–1990), бугарските обиди беа ограничени, но не исчезнаа. По падот на режимот, особено по 1990 година, Бугарија повторно го засилува своето присуство преку невладини организации, културни здруженија, финансирање на инфраструктурни и образовни проекти, како и преку доделување на бугарски пасоши.

Во последните децении, бугарската политика добива нова димензија – дипломатски притисок врз албанските власти за официјално признавање на „бугарско малцинство“ во Албанија, што кулминира со уставните измени од 2017 година, кога во Албанија покрај македонското беше впишано и бугарското малцинство.

Овој историски и современ континуитет на бугарскиот интерес кон Македонците во Албанија претставува важен аспект на пошироката балканска геополитика, но и сериозен предизвик за зачувување на македонскиот национален идентитет и културно наследство.

Како Македонците од Преспа, така и Македонците од Голо Брдо, Гора, Поле, Врбник и сите други предели каде традиционално живеат, во последната декада се изложени на невидени притисоци за бугаризација. Бугарската влада со сите можни средства настојува да го обезличи македонското национално малцинство во Албанија и да го прикаже како „сопствено“. За таа цел се користат т.н. „подароци“, донации, стипендии, финансирање на локални проекти и други форми на материјално поткупување.

Имајќи го предвид неслухот и недоволниот ангажман на досегашните македонски влади за проблемите на Македонците во Албанија, дел од населението во македонските предели потклекна на овие примамливи понуди и дозволи да биде заведено како „бугарско“. Сепак, станува збор за изолирани случаи, кои не ја менуваат вистината за националниот идентитет на заедницата. Агресивноста на бугарската политика со децении не стивнува – напротив, таа ескалира. Најилустративен пример за тоа се бугарските уцени врз албанската влада во 2017 година, кои резултираа со впишување на непостоечко „бугарско малцинство“ во Законот за заштита на правата на националните малцинства на Република Албанија. Со тоа се отвори патот за уште посилен притисок врз Македонците во областите каде со векови живее само македонско население.
За овие состојби зборуваат документи на албанската влада и други релевантни институции. Посебно значаен е извештајот на Народниот правобранител на Албанија, кој дополнително ја потврдува незаинтересираноста на албанските власти да ги спроведат препораките на европските институции во однос на правата на Македонците и застапеноста на македонскиот јазик во образованието.

Во декември 2014 година беше објавен Посебен извештај на Народниот правобранител, во кој се анализираат и податоците од пописот на населението во Албанија од 2011 година – попис чии резултати беа оспорени од повеќе малцинства. Во извештајот стои:

• Грчко малцинство – 24.243 лица
• Македонско малцинство – 5.512 лица
• Црногорско малцинство – 366 лица
• Ароманско (влашко) малцинство – 8.266 лица
• Ромско малцинство – 8.301 лице

Овој извештај ги опфаќа осумте признати малцински заедници во Албанија. Ниту пописот од 2011 година, ниту извештајот на Народниот правобранител од 2014 година не споменуваат никакво бугарско малцинство во земјата.
Сепак, Бугарија, користејќи ја својата позиција како членка на Европската Унија, започна интензивен дипломатски и политички притисок врз албанските власти за да обезбеди признание на бугарско малцинство на територијата на Албанија. „Објект“ на оваа пропаганда и овие барања стануваат токму Македонците. Во таа насока, бугарската влада со години доделува големи стипендии за Македонци кои ќе се изјаснат како Бугари, нуди бугарски пасоши што овозможуваат непречено патување и работа во земјите на ЕУ, како и други материјални придобивки.

Иако мнозинството Македонци категорично одбиваат да ја прифатат оваа асимилаторска политика и да се откажат од својот идентитет, дел од нив, под притисок на тешката економска состојба и маргинализацијата во албанското општество, сепак прибегнуваат кон барање бугарски пасош. Тоа, меѓутоа, не претставува израз на национална определба, туку прагматичен чекор за опстанок во услови на социјално-економска неиздржливост.

Но, бугарскиот атак врз македонските жители во албанската држава не престана. Напротив, бугарските политичари го проширија опсегот на своите барања кон албанските власти, инсистирајќи на официјално признавање на „бугарско малцинство“ во Албанија. Ова барање доби дополнителен интензитет со најавата за донесување на Законот за заштита на правата на националните малцинства во Албанија.

Агресивната политика на бугарската држава не е случајност, туку резултат на долгорочна стратегија. Имено, во 2007 година, кога Бугарија стана членка на Европската Унија, беше изработена стратегија насловена „Бугарската политика спрема Република Македонија“. Во овој документ, покрај другото, експлицитно се наведува и активноста на бугарските служби меѓу македонското национално малцинство во Албанија. Во делот што се однесува на Албанија стои:

„Рамноправност на Бугарите во Албанија со останатите етноси во склад со практиката и законодавството на земјата во таа област, т.е. официјално признавање на бугарското малцинство покрај другите официјално признати малцинства – независно од бројот на самоидентификуваните како Бугари. Почитувањето на оваа рамнопоставеност треба да биде составен дел од оценките на Бугарија и ЕУ за напредокот на Албанија во постигнување на задолжителните услови и стандарди за зачленување во ЕУ, а слично и за НАТО.“

Со ваквиот уценувачки тон, бугарската политика отворено демонстрира дека европската и евроатлантската иднина на Албанија може да биде условена со исполнување на нејзините барања. Колатерална жртва на овие уцени стана македонското национално малцинство во Албанија.

До 2017 година, на ниту еден официјален попис во Албанија не бил регистриран ниту еден жител како Бугарин. Сепак, под силен политички притисок од Бугарија, токму во 2017 година тие беа вклучени како малцинство во новиот Закон за заштита на националните малцинства.

Радувајќи се на овој резултат на бугарските уцени кон Албанија, тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов на својот Твитер профил го прослави „историскиот момент“, објавувајќи дека „по 104 години, Република Албанија ги призна Бугарите како етничко малцинство“.

Истражувањето покажува дека овие обиди не се изолирани дипломатски потези, туку дел од поширока, долгорочна стратегија за културна и национална асимилација на Македонците во Албанија, преку нивно административно и политичко обезличување.

Потоа, притисокот врз Македонците продолжи со уште поголем интензитет. Делењето на стипендии и разни поволности за Македонците да се изјаснат како Бугари енормно се зголеми. Истовремено, сè повеќе се појавуваа „добротвори“ со бугарски „донации“ насочени кон Македонците во Албанија.

Плодовите на уценувачката бугарска политика кон албанската држава особено станаа видливи на Пописот на населението во Република Албанија, одржан во 2023 година, кога со државен фалсификат беа „декларирани“ дури 7.020 Бугари, додека бројот на Македонците беше сведeн на 2.281 жител. Овие резултати беа остро оспорени не само од претставниците на македонското национално малцинство, туку и од други признати малцинства во Албанија, кои исто така изјавија дека не ги прифаќаат презентираните податоци. Ваквиот фалсификат им даде дополнителен поттик на бугарските емисари за уште поинтензивна активност во областите населени со Македонци.

На тој начин, во Албанија административно беше „измислено“ бугарско малцинство. Европската Унија, чија членка е Бугарија, не презеде никакви мерки: ниту за да ги заштити албанските власти од бугарските уцени, ниту за да ја санкционира Бугарија за мешањето во внатрешните работи на една соседна држава. Така, демократските вредности за кои ЕУ формално се залага паднаа во вода, откривајќи се како инструмент за политички притисок и денационализација на одредени заедници под превезот на „европеизацијата“.

Во вакви услови, македонското национално малцинство во Албанија останува исклучително важно – не само како чувар на македонскиот јазик, култура и традиции во овие простори, туку и како жив доказ за историското присуство и континуитет на македонскиот народ на Балканот. Македонците во Албанија претставуваат значаен дел од целината на македонската нација, чија судбина е тесно поврзана со опстанокот и иднината на македонскиот идентитет воопшто.

Васил Стерјовски