Делегација на МАЕИ оствари средба со министерот за внатрешни работи на Република Македонија

На 04 октомври 2024 година, во македонската амбасада во Тирана, делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), оствари средба со министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Панче Тошковски.

На средбата, делегацијата на МАЕИ го запозна министерот Тошковски со положбата на Македонската заедница во Албанија и предизвиците со кои се соочува во процесот на зачувување на својот македонски идентитет. Притоа, делегацијата ги изложи тековните активности на МАЕИ, насочени кон заштита на правата и унапредување на положбата на Македонците во Албанија.

Покрај тоа, претставниците на МАЕИ побараа побараа реална и опиплива поддршка од институциите на Република Македонија во правец на овозможување на Македонците во Албанија да се стекнат со македонско државјанство и лични карти, како и да се отвори граничниот премин Џепиште-Требиште 24 часа, во соработка со албанската влада. Овој чекор би го олеснил движењето и би го подобрил квалитетот на животот на Македонците во регионот на Голо Брдо.

Министерот Тошковски ја истакна важноста на Македонската заедница во Албанија за Република Македонија и се заложи за зајакнување на соработката и обезбедување поддршка која ќе придонесе за унапредување на правата и интересите на Македонците во Албанија.

©Македониум