11 август 2024 година, Скопје, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) упатува искрени честитки до Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, по повод 11 Август – Денот на Македонското знаме – Шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа!
СМК потсетува дека Собранието на Македонија, по предлог на независниот пратеник Тодор Петров и претседател на Светскиот Македонски Конгрес, на денешен ден, на седницата одржана на 11 август 1992 година, со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа со Закон го прогласи за симбол на државното знаме на Македонија!
Во членот 2 од Законот за знамето на Република Македонија од 11 август 1992 година е утврдено дека “Знамето е црвено со златно-жолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Основните сончеви зраци непосредно се одделуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите шеснаесет сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето. Односот на дијаметарот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е еден спрема два, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.“
Со денот на влегувањето во сила на овој закон, односно од 20 август 1992 година престана да се применува знамето на Република Македонија утврдено со Уставот на Република Македонија од 1974 година.
За жал, по барање на Грција, а под притисок на Европската Унија, на 13 септември 1995 година, министрите за надворешни работи на Македонија и Хеленската Република, Стево Црвенковски и Каролос Папуљас, склучија Привремена согласност. Во членот 7 став 2 од оваа Привремена согласност е утврдено дека “по влегувањето во сила на оваа Привремена согласност, Втората страна (Македонија, н.з.) ќе престане на каков било начин да го користи симболот, во сите негови форми, што го истакнуваше на нејзиното знаме пред нејзиното влегување во сила.“
Врз основа на македонско-грчката Привремена согласност Стево Црвенковски – Каролос Папуљас, склучена на 13 септември 1995 година, вториот пратенички состав на Собранието на Македонија на седницата одржана на 5 октомври 1995 година донесе нов Закон за знамето на Република Македонија со кое го смени шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа со актуелното осум-зрачно сонце.
Во членот 2 од овој Закон е утврдено дека “Знамето на Република Македонија е црвено со златно-жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви зраци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.“
Актуелното знаме на Република Македонија се применува од 6 октомври 1995 година.
СМК потсетува дека шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа е прогласен за симбол на Светскиот Македонски Конгрес уште на неговото реосновачко собрание одржано на 15 септември 1990 година во Гевгелија, врз основа на Декларацијата за возобновување на Светскиот Македонски Конгрес, донесена на општонародното собрание на блокадата на граничниот премин Богородица-Евзони (Мачуково) на 16 јуни 1990 година, со што се возобнови Македонскиот Конгрес формиран на 12 јануари 1899 година во Женева, Швајцарија.
Светскиот Македонски Конгрес е регистриран на 26 септември 1990 година како неформален Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет!
Во членот 139 од Статутот на Светскиот Македонески Конгрес е утврдено дека “(1) СМК има знаме и грб. (2) Знамето и грбот на СМК се знаме и грб и на СМК за Европа, Америка, Австралија и Македонија. (3) Знамето на СМК е црвено поле во чијашто средина се наоѓа македонското шеснаесет-зрачно златно-жолто сонце што го сочинуваат осум поголеми основни и осум помали споредби сончеви зраци, напоредно поставени околу сончев диск. Околу сончевиот диск има два прстени, а во него десет сини лисја од здравец. (4) Односот на широчината и должината на знамето изнесува два спрема три. (5) Грбот на СМК претставува триаголен отсечен штит со црвено поле. Во средината на штитот се наоѓа златно-жолт обоен лав, исправен на двете задни нозе и свртен кон десно, со мала златно-жолта круна над главата и со двокрака опашка свртена нагоре. Над штитот има златно-жолто обоена петкрака круна, а под него црвена лента на која со златно-жолти букви пишува МАКЕДОНИЈА. (6) Графичките решенија на знамето и грбот на СМК се составен дел на овој Статут.“
Поради македонско-грчката Привремена согласност, претседателството на СМК на седницата одржана на 13 септември 1995 година во Скопје, го прогласи шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа за семакедонски симбол!
Триесет и второто Генерално собрание на СМК одржано на 2 август 2021 година во Битола, донесе Одлука за прогласување на 11 август за Ден на Македонското знаме!
Најголемиот број македонски заедници, здруженија и партии во сите делови на Македонија и во светот за свој симбол го прогласија и користат шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа!