ПОКЛОН ЗА ИЛИНДЕН ПРЕД ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО ПУСТЕЦ, АЛБАНИЈА И ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ СВЕШТАРОТ ВО ЦАРЕВ ДВОР, МАКЕДОНИЈА

Во чест на 121 години од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, делегација на Македонска алијанса за европска интеграција предводена од претседателот Васил Стерјовски, положи свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Пустец, Албанија и на бистата на Јосиф Јосифовски – Свештарот во село Царев Двор, Македонија.

Апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, е една од најпочитуваните личности во македонската историја. Антифашистичката војна беше широко прифатена од Македонците во Албанија, кои активно се вклучија во Национално-ослободителното движење како дел од македонските и албанските партизански единици.

Јосиф Јосифовски – Свештарот, познат меѓу Македонците од Албанија како Ѓорѓи Свештарот, даде значаен придонес во организирањето на македонските партизански единици во Мала Преспа за време на Втората светска војна и зазема важно место во колективната меморија на Македонците во Албанија.

– Прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 и Првото заседание на АСНОМ од 1944, со гордост се поклонуваме на нашите претци кои ги положија своите животи за слободата на Македонија. Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден! – се вели во илинденската порака на Македонска алијанса за европска интеграција.

©Македониум