Македонското, заедно со другите национални малцинства, во Центарот за отвореност и дијалог во албанската влада, презентираа традиционални носии, публикации, фотографии, слики и артефакти, кои ја отсликуваат различноста и културното богатство на малцинствата во Албанија.
Изложбата беше во рамки на одбележувањето на 21 мај, Светскиот ден на културната различност а ја организираше Комитетот за национални малцинства, владин орган во кој членуваат претставници на девет национални малцинства, колку што се признати со Законот за заштита на малцинствата.
„Македонското малцинство меѓу другото беше претставено со фотографии, традиционална облека, артефакти и публикации, кои го отсликуваат културното богатство на Македонците во Албанија. Беа изложени и две книги, студии на научно ниво, кои го докажуваат постоењето на македонското малцинство и хармоничниот соживот на нашето малцинство со мнозинството“, рече Марјана Костофски, претставничка на македонското малцинство во Комитетот.
Додава дека една од студиите е книгата од Д-р Мери Стојанова, насловена „Етнографија и антропологија на Македонците ‘нашинци’ од македонско-албанското пограничје“, додека втората „Хармонска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“, од Проф. Д-р Марија Дојче професорка на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.
На изложбата присуствуваа и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски и Васил Стерјовски, лидер на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
„Ова беше одлична можност да се истакнат вредностите на културната различност на малцинствата и да ја зајакнеме нашата посветеност за нивните права. Македонската заедница прекрасно беше претставена од членот на македонската заедница во Комитетот за национални малцинства, Костофски, која донесе фотографии од секојдневниот живот, верските обреди и културното наследство на Македонците во Албанија. Ова беше момент на гордост за сите нас“, оцени Стерјовски.
Претседателката на Комитетот, Константина Бежани, која е претставник на грчкото малцинство, уште еднаш побара овој ден да биде прогласен како „Ден на малцинствата во Република Албанија“.
©Македониум