Македонското друштво ,,Мала Преспа, од Торонто, Канада на 25-ти ноември 2023 година одржа величествен свечен банкет во прекрасната сала на ,,Оквил Легаси,, во градот Оквил, Онтарио.
На истиот присуствуваа неколку стотини Македонци со потекло од областа Мала Преспа, која денес се наоѓа во Република Албанија, а се населени со чистокрвно македонско население.
Прославата е по повод и во чест на празникот, заштитникот Св. Архангел Михаил.
Банкетот по традиција предизвика интерес кај многумина пријатели и почитувачи на друштвото од сите делови на пошироката област на Торонто, а можевме да забележиме и Малопреспани коишто живеат надвор од Канада, а кои допатуваа заедно со своите браќа и сестри да го овековечат синоќешниот момент.
Како и секоја година свеченоста отпочна со настапот на Фолклорниот ансамбл ,,Илинден,, од Македонската православна Црква Св. Илија од Мисисага раководен од претседателот Ненад Попоски и кореографката Орхидеа Димова Радевска.
Настапија малата и големата група со сплетови на фолклорни ора и песни од повеќе делови на нашата убава Македонија.
По благословената вечера од страна на отец Благој Пенев од Македонската Православна Црква Свети Илија во Мисисага отпочна и забавниот дел во кој што претседателот на друштвото ,,Мала Преспа,, Босилко Аговски со својата сопруга Донка го поведе првото свечено, празнично оро.
На звуците на оркестарот ,,Балкан Ентертејнмент,, едногласно се пееше ,,Свети Архангел сите славиме,, и многу други прекрасни песни кои придонесоа расположението да расте и да се развива до доцна во ноќта.
На банкетот повеќемина донатори подарија награди за вредната лотарија која ја водеше шармантната Малопреспанка Мери Аговска Терпо.
Беа извлечени парични и други вредни награди подарени од членови на друштвото и повеќемина други пријатели на ,,Мала Преспа,,.
Соња Лозановска