Осумдесет и деветгодишниот Коста Ангелков од Перт, Западна Австралија, беше одликуван со Орден на Австралија во чест на роденденот на кралот Чарлс Трети. Имено, Коста го доби овој орден како признание за неговата доброволна работа во Македонската заедница од 1955 г., па до денес. Тоа претставува големо признание за Коста Ангелков, неговата фамилија и за нашата македонска заедница во Австралија.
Коста Ангелков е роден во 1934 год., во легендарното село Д’мбени, Костур, Егејска Македонија. Како дете бегалец, на 14-годишна возраст бега од Македонија за да го спаси својот живот од војната во Македонија и по осум години поминати во Романија, Коста се среќава со родителите во Перт. Татко му Ристо не го имал видено од неговата двегодишна возраст. На 22 години доаѓа во Перт, Австралија, и веднаш станува член на Македонската заедница.
– Сакав да се погрижам да дадам сѐ од себе за да подигнам семејство и да обезбедам најголема можност за моите деца да бидат добро образовани. Се чувствувам многу горд што јас и мојата сопруга Алики успеавме во двете цели и особено сум горд на фактот што сите наши деца се образовани со високо образование и сите мои внуци исто така го направија тоа – вели денес Коста Ангелков.
Тој е горд кога вели дека напорната работа и пожртвуваноста придонеле да може да ги постигне своите цели.
– Иако работите беа доста тешки кога пристигнав овде во 1955 година, брзо сфатив дека Австралија е земја на можности и дека оние што се подготвени да работат напорно, да размислуваат мудро и да бидат штедливи, можат да успеат да ги постават темелите за одличен живот за себе, семејството и за нивната заедница – додава славеникот.
Со почит се потсетува на своите најблиски соработници во Македонската заедница на Западна Австралија, со кои соработувал во изминатите шеесет години.
– Многу од нив повеќе не се со нас. Но сакам да им се заблагодарам ним и на актуелниот управен одбор за нивниот огромен доброволен напор низ годините. Кога некој доброволно ги вложува срцето и душата во организација, вашето семејство прави многу жртви кога не сте во можност да присуствувате или да учествувате на важни семејни настани поради обврските во заедницата. Моето семејство го разбра и го прифати ова без никакви дилеми. Нашата заедница се разви во модерна и енергична заедница, која се грижи за општествениот, културниот, спортскиот и духовниот живот на Македонците во Западна Австралија и го прифати навистина уникатното мултикултурно општество што ние сме толку среќни што го имаме во Австралија – вели Коста Ангелков.
Живот посветен на македонската заедница
Од 1955 год. до денес бил на следните функции:
Македонска заедница од Западна Австралија
• Претседател, девет години.
• Потпретседател, три години.
• Секретар.
• Член, Управен комитет, 1955-1990 година.
• Член, Одбор за градење црква, 1969 г.
• Член, Комитет за обнова на Центарот на Македонската заедница, 1976 година.
• Член, Комитет за купување и градење на спортскиот комплекс Македонија Парк, 1980-та.
• Член на Македонскиот комитет за социјална заштита.
• Член, Македонски православен црковен хор, 12 г.
• Член на Управниот комитет, „Мај виста“ (MyVista) (поранешен дом за етнички стари лица во Стирлинг), 1980-та, и доживотен член од 1978 година.
Ресурсен центар за мигранти од Северен Перт
• Основачки член, 1980 г.
• Заменик-претседател, привремен комитет.
• Благајник на Советот на етничките заедници на Западна Австралија.
• Потпретседател, две години.
• Член, Извршен комитет, 1984-1992 година.
Професионална кариера
• Прв човек во Западна Австралија на компанијата „Трансформерс“ (Transformers Pty Ltd), 1950-1960.
• Директор, „Бриџтон“ (Bridgeton Pty Ltd), 30 години.
Коста Ангелков за заслуги во македонската заедница се закити со Орден на Австралија