Македонија официјално го презема претседавањето со ОБСЕ

Република Македонија официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Преку својот уникатен пристап ОБСЕ придонесува кон регионалниот мир, соработка и севкупен развој.

Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. Министерот Османи ќе ја презентира програмата на програмата на македонското претседавање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, во Виена на 12 јануари.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи, под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

„Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи,” истакна Османи.

Освен фокусот врз кризните региони, а пред се, воената агресија врз Украина, приоритетите на Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици. Со ова Северна Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.

©Mакедониум