Отворен Балкан со идеи за заедничко надминување на кризите

Идеи за заедничко надминување на енергетската и економската криза, е она што го договорија трите држави кои се дел од Отворен Балкан – Македонија, Србија и Албанија, а кои на новиот дводневен состанок во Охрид констатираа дека во услови на криза која тие самите не ја предизвикале, Отворен Балкан повеќе од кога и да е досега му е потребен на регионот.

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, испраќајќи порака за функционалноста и резултатите кои досега ги постигнала оваа иницијатива и оти токму поради тоа земјите од Западнот Балкан мора да станат дел од ЕУ.

И премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ со став дека иднината на регинот е само обединетост и заедничко помагање.

Отворен Балкан денеска повторно доби отворена поддршка и од ЕУ и од САД. Пораката од Брисел ја пренесе лично еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, кој рече дека Отворен Балкан е чекор кон економско интегрирање на регионот во Унијата, додека порака од Вашингтон, која ја пренесе заменик-помошник државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, е дека Отворен Балкан како иницијатива треба да се шири во регионот, но само како економска, но не и како политичка иницијатива.

Но освен економските пораки од Охрид беа испратени и политички на адреса на Европската унија. Ковачевски порача дека е европски е земјите меѓу себе да си помагаат, а не да се кочат и блокираат, додека Рама во негов стил порача Македонија да не се нервира поради претстониот самит на ЕУ, оти така ја префрла нервозата и на Албанија.

Во Охрид денеска се одржа нова рунда разговори на еврокомесарот Вархеи со Ковачевски и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, за надминување на ветото од Бугарија, но од која не можеа да се добијат никакви детали за што било разговарано. Вархеи по Македонија патува за Софија каде утре ќе разговара со бугарскиот државен врв на истата тема.

Инаку на самитот Отворен Балана за првпат како набљудувачи учествува Црна Гора и Босна и Херцеговина кои изразија целосна подготвеност наскоро да и пристапат на иницијативата.

Во Охрид денеска беа потпишани три меморандуми во областа на туризмот, културата и административното оданочување, како и договор за признавање на високообразовните дипломите со цел на побрзо овозмоување на заеднички пазар на трудот.

https://telma.com.mk/2022/06/08/otvoren-balkan-so-idei-za-zaednichko-nadminuvanje-na-krizite/