Врбник – Македонско егејско село во Албанија

Репортажата која ја преобјавуваме датира од ноември 1995 година, напишана е од новинарот на МКД.мк Панта Џамбазоски кој во тоа време беше постојан дописник од Тирана за весникот „Нова Македонија“. Селото Врбник во Албанија е населено исклучиво со Македонци и географски припаѓа на егејскиот дел од Македонија. Репортажата сведочи како по падот на режимот на Енвер Хоџа, во Албанија се активира големобугарската политика и се оди меѓу македонското население со крајна цел тие да се изјаснуваат како Бугари. Врбник е најисточната точка на Албанија.

Меѓу Македонците во соседството

Врбник – егејско село во Албанија

Во непосредна близина на албанско – грчката граница, блиску до гратчето Билишта, а некогаш во атарот на Костур, се наоѓа Врбник, село со 72 куќи и 20-тина ученици, чии жители со радост пеат стари македонски песни, а со тага за загубените роднински и пријателски врски. И покрај близината на две граници, животот се живеел речиси само во селото.

Да се отиде во Врбник, етнички чисто македонско село, во ридовите на само половина час одење пеш од грчката граница и преминот Капштица, значи голема подготовка за пат. Независно дали се тргнува од Тирана, Скопје, Грција или дури и од најблиското градче Билишта, или пак од Корча.

Пат? Нема!

Пеш? Возможо само од Билишта, но со саати и саати одење.

Патувањето, и поркрај импресивните теренски способности на џипот „ренџ ровер“, управуван од амбасадорот на Репубика Македонија во Тирана, Никола Тодорчевски, беше неудобно. Веројатно ќе беше и невозможно без „водачите на патот” Димитар Гроздани, учител по руски јазик и Ламбро Пандовски, механичар, обајцата жители на Билишта, а родум од Врбник. Невозможно, зашто по карпите, удолнините и угорнините над кои „мрдаше” џипот, табла, патоказ, предупредување – нема!

Селото, кое изрони од атрактивната природа, нѝ одрази живописна, архаична слика, како од „македонските приказни”. Стари куќи. Дворови, сокаци, магариња, крави, жени во носии крај селската чешма, поглед на црквата и на училиштето. По пат нѐ поздравуваат, „убо сте”, „како одите”, „како заминавте”, „од нашиот крај идите”?

Врбник е село, кое албанската држава го третира во регионот на Преспа, како девето село, во кое живеат Македонци. Националноста им е запишана во личните карти. Во училиштето се учи на македонски јазик. Името го носи од партизанот, херој од селото, Дичо Петровски. Зградата е стара, а клупите се оние истите, кои од дрво ги изделкал дедо Тасо, пред речиси половина век, кога тука за првпат почнало да се учи на македонски јазик. Денес учат 23 ученици – прво и трето одделение заедно, а во другата училница второ и четврто.

На час сме во училницата на второто и четвртото одделение. Вкупно десет ученици – Димана, Силда, Пинада, Наум, Алда, Александар, Насе, Јонела, Лина, Сонила. Учителка им е 24-годишната девојка, Фаника Ендиковска. Децата се збунети, но живо им шетаат очите од едно лице на друго. Учителката потоа нѐ води во другата училница каде 13 ученици ги учи учителот Димитар Пинков. На ѕидот голема географска карта на Албанија, на која, како случајно, уште еднаш се обидовме да го побараме Врбник. Учителот нѝ го лоцира селото и ни појаснува: селото е најисточното населено место во Албанија, на географска должина од 21 степен и 6 минути. Инаку, на 950 метри надморска височина.

Учителката Фаника потоа нѐ води во куќата на Кристо Камбуровски, учител во истото училиште од 1948-мата, сега во пензија. Излегува со патерици, ногата ја повредил во нивите, се поздравува и се бакнува. Вели, вие сте првите кои од Македонија нѐ посетуваат (Мисли на официјални претставници од Република Македонија, н.з.). „Толку ли време требаше да помине”? Во тој момент поминува Јован Шемков или, Ванчо, како што го викаат. Собраните луѓе околу нас му велат да се симне од магарето и да се поздрави со нас. Вели: „Не се симнувам, не сакам да се поздравам, имам работа, нека си одат со добро”. Му повторуваат: „Луѓето се од Македонија”. Шемков подзастанува, нѐ гледа испитувачки, се симна потоа, и му кажа на магарето да си оди дома. „Мислев да не сте Бугари, зашто тие неколкупати иделе тука. Сме ги примале како секој гостин што се прифаќа кога ќе дојде в село, ама за беља иделе – тие бараа Бугари овде. Потоа пишуваа во весниците дека сме Бугари, ама не можеа, а да не речат дека, како што напишаа, многу сме биле обземени со македонштина”.

Пиеме ракија и кафе во куќата на Камбуровски. Многу луѓе во собата, на телевизорот „МТВ”, а Камбуровски и Шемков се натпреваруваат кој повеќе да нѝ каже. Македонија е честопати изговараниот збор. „Да не си ти по малку националист”? прашува Камбуровски, а Шемков, кој беше погласен, вели весело: „Многу сум националист, особено кога овде идат Грци со поп, или Бугари да ни го сменат името”. Потоа обајцата се сложни дека „Врбник е егејско село и единствено како такво во Албанија”. Шемков е лут, кога говори, таков му е стилот, а Камбуровски го прекорува, но обајцата се на истото мислење. Велат, и во времето на диктатурата, кога жителите на Албанија не смееле ни да помислат да слушаат странски радио станици, во селото се слушала и гледала програмата на тогашната Радио и Телевизија Скопје. „Страв немавме, дури еднаш отидовме на самата гранична линија со Грција и од едно големо радио, на Македонците од таа страна, им пуштавме радио Скопје, наши народни песни. Ни дојдоа двајца од Сигурими, но едниот од нив рече – пушти ги. Потоа разбравме дека од една своја страна и тој бил Македонец.

Шемков е сега упорен да одиме во неговата куќа. Пак поздравување, служење ракија и „МТВ” на телевизорот, а составот е ист. Вели, сакале, според сите закони на албанската држава, да регистрираат свое друштво. Името му го ставиле „МЕД” (македонско – егејско друштво). Но, им било речено дека тоа не е можно зашто веќе си имаат друштво „Преспа”. Точно, вели Камбуровски, и ние и тие од Преспа сме Македонци, но ние географски припаѓаме на егејскиот дел на Македонија, а Преспа припаѓа на вардарскиот. Собрале и потписи од селото и од Македонците од Билишта каде живеат 30-тина семејства, доселени од Врбник.

Доброто расположение си го прави своето. Се запеа и песна. Најпрво „”Биљана платно белеше”. Потоа ја запеаја „На Вичо Планина, пак ќе си ја запееме наша стара песна, на Вичо Планина”. Капнаа и солзи по неколку лица. Костадинка, мајка на Шемков рече: „Имам 86 години, четири сестри, една е жива, во Македонија е. Јас’ка велам, да се само со добро, таа, со децата”.

Ручекот е кај Иљо Калфа. ‘Крпак, колбаси, печени компири и салата, со домашно вино. Гледаме фотографии од роднините од Лерин. Накитена елка. Нова година била, насмеани деца. Се отвориле границите, се посетиле. Учителката Фаника е и во оваа куќа, помага во служењето на нас, гостите. И тука, повторно, се запеа песна, па една, па друга… Велат, немале страв никогаш што се Македонци, виделе што значело страв кога границите по падот на диктатурата се отвориле и кога се сретнале со Македонците од Вмбел, село со Македонци на грчката страна.

Денот брзо изминува. Дури се гледа треба да ја посетиме црквата „Свети Нестор”, а кај гробиштата е црквата „Свети Ѓорѓија”. Се палат свеќи. Иконата на Св. Петар е нагризана од забот на времето, стара е над двеста години. Некои икони изгореле во 67-мата, во времето на Енвер Хоџа. Надвор се десетици многу стари гробови, од ниски камени плочи со издлабени македонски букви и имиња.

Долга разделба на крајот, со ветување дека наскоро ќе дојдеме пак. Студен воздух, неверојатно чист, ни ги тресе коските. Џипот почнува да дига прав од патот, мавтаме, а луѓето, гледаме, уште долго време стојат и гледаат во правот што исчезнува.

Од задното седиште се шири мирисот на огромните врзулки со планински чај, кој секое утро ќе нѐ потсетува на Врбник.

https://www.mkd.mk/makedonija/politika/reportazha-od-vrbnik-po-padot-na-enver-hodzha-vo-albanija-cel-na