Во име на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), партискиот лидер Васил Стерјовски на прес- конференцијата одржана во Корча ја пренесе загриженоста на жителите на македонската заедница од областа на Преспа поради поскапувањето на огревното дрво на територијата на Националниот парк „Преспа“.
– Поскапувањето на огревното дрво годинава тешко ги погоди жителите на Преспа кои традиционално огревно дрво обезбедуваат на територијата на Националниот парк „Преспа“ и за оваа услуга на управата на паркот и ги плаќаат соодветните давачки за сечење и транспортирање на огревно дрво како и фиксна такса од 500 лека (над 4 евра) по семејство, изјави Стерјовски.
Според него, Владата ова година ја зголемило за 10 пати фиксната такса и тоа од 500 лека по семејство за обезбедување на огревно дрво, на 500 лека за кубен метар. Ако тука се додаде и износот што треба да го платат за сечење и транспорт на нив, еден кубен метар во областа Преспа чини до 3.000 леки (околу 25 евра).
– Жителите на Преспа не користат огревно дрво само за затоплување на своите домови во текот на зимската сезона, туку и за готвење во текот на целата година, бидејќи сè уште не е решен проблемот со честите прекини на електричната енергија поради амортизираната мрежа. Високата цена уште повеќе ќе ги погоди пензионерите, но и социјално загрозените семејства, чии приходи се недоволни да си дозволат набавка на огревно дрво за оваа грејна сезона, посочува Стерјовски.
Со оглед на тешката економска состојба со која се соочуваат жителите на општина Пустец, посочува тој, каде стапката на невработеност за општината е повисока од просечната невработеност во земјата, бараме од Владата да ги намали тарифите за собирање дрва за жителите од населените места кои припаѓаат на Националниот парк „Преспа“.
– Бараме и од општина Пустец, како и од проектот „Прекуграничен резерват на биосферата Преспа“ да им помогнат на социјално загрозените семејства, лицата со попреченост и старите лица во сечењето и транспортирањето на дрвата за греење. Поскапувањето на огревното дрво е проблем кој го зафаќа целиот корчански регион, но и целата држава и Владата и општините треба да размислат да им помогнат особено на социјално загрозените семејства и пензионерите, оценува Стерјовски.
Проблемот, што го актуелизира Стерјовски го пренесоа сите албански медиуми.