Одбележан во Албанија, 8-ми септември, Денот на независноста на Македонија

Со низа активности на кој се слушаше македонската песна и игри и Македонците во Албанија го одбележаа 8-ми септември, Денот на независноста на Македонија.

Одбележувањето започна уште на пети и шести септември во Корча и Пустец каде Дуо Рибарски одржа концерти за сериозна музика.

Главната манифестација во организација на Општина Пустец се одржа на плоштадот “Гоце Делчев” во Пустец.

Пред голем број Македонци од Мала Преспа но и од други делови на Албанија настапија КУД “Илјо Камче” од Богданци, КУД “Пемко Котевски” од Прилеп и КУД “Преспа” од Мала Преспа а посебно по него плоштадот “Гоце Делчев” уште долго ечеше од македонска песна и оро.

 

По интонирањето на македонската химна пред големиот број Македонци се обратија градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и македонскиот амбасадор во Албанија, Веле Трепевски.

 

Градоначалникот Едмон Темелко се обрати пред присутните притоа честитајќи го денот на независнота на Македонија на сите Македонци во Пустец во сите делови на Македонија како и во светот.

-Македонците во Албанија ги споделуваат чествувањата на овој голем празник со Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет. Затоа и ние традиционално го празнуваме 8-ми септември како голем празник на македонската државност, како празник на Македонците од сите делови на Македонија и во светот каде и да се тие. Ние Македонците во Албанија работиме за развој на Албанија, за подобар живот и услови за работа во Албанија но никогаш не заборавивме дека ние сме Македонци, нашиот јазик е македонски и нашата матична држава се вика Македонија.

Македонија за жал не успеа во обединувањето на Македонскиот народ, жртва на тие делби и поделби на Македонија сме и ние Македонците во Албанија. И покрај тоа после распаѓање на претходниот систем се роди нова надеж за нас Македонците во Албанија, затоа што ни се отворија патиштата кон светот, ни се отвори надежта за живот и опстанок, да сме заедно со нашите  браќа и сетри Македонци од другата страна на границата – изјави Едмонт Темелко.

 

Амбасадорот Веле Трпевски се обрати пред присутните честитајќи го денот на независвисноста на Македонија притоа истакна:

-Сите треба да бидеме горди што сме Македонци како што јас сум горд денеска што ве гледам, што го слушам македонскиот јазик тука, што ги слушам убавите песни, убавите рецитали, убавите македонски носии, ми го наполнивте срцето, ми ја наполнивте душата со задоволство.

Секогаш доаѓам во Пустец среќен, задоволен но пред се горд затоа што Вие сте нашата гордост, Вие сте нашите браќа и сетри надвор од Македонија и ние секогаш ке ве сакаме, ке ве подржуваме во се што правите, и да останите секогаш горди на она што го имаме на јазикот, културата и она што не прави посебен народ, што не прави Македонци – изјави амбасадорот Трпевски. (Македониум)