Семакедонски народен собир на 19-ти април 2015 се одржа во Мелник, Бугарија. Голем број Македонци од сите делови на Бугарија дојдоа на одбележувањето на стогодишнината од смртта на Јане Сандански.
Традиционалниот семакедонски собор, кој се организира секоја година, беше посветен на 100-годишнината од убиството на Јане Сандански. Организатори на собирот беа: ОМО „Илинден“-ПИРИН, Меѓународно македонско движење за човекови права – Канада, Австралиско-македонски комитет за човекови права, Друштво на репресираните Македонци во Бугарија, „Народна волја“, Македонска православна црква „Св. Петка“, Сиднеј – Австралија, билтенот „Македонски глас“.
На собирот учествуваа претставници на повеќе македонски здруженија од Македонија, Албанија, Бугарија и Грција. Во Мелник, организаторот на манифестацијата, партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин и другите граѓански здруженија положија цвеќе пред споменикот на Сандански.
Говор за Јане одржа копретседателот на ОМО Илинден “Пирин”, Стојко Стојков, подвлекувајќи дека Јане прв јасно ја разграничил борбата на врховистите од централистите.
Тој рече: “Токму затоа тој се претвори во смртен непријател на врховизмот. Го организираше народот, создавајќи вистинска држава во држава. Јане го претвори Пирин во тврдина на македонската борба за независност, во преграда против посегањата за присоединување на Македонија кон која и да е друга држава”.
Поздрави до семакедонскиот собор искажаа: Александар Поповски, потреседател на Заедницата на Македонците од Егејска Македонија со центар во Битола, Андон Шекеревски од партијата на Македонците во Егејска Македонија, “Виножито”, Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија, Ангел Динев од здружението за човекови права – Радовиш и Радко Ѓорѓиовски од Прилеп. Беа прочитани поздравни писма од Македонскиот културен форум во Пула во Хрватска, Советот на македонското национално малцинство и македонската православна општина ”Cв. Јоаким Осоговски” во истиот град.
Во својот поздравен говор Генералниот секретар на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, истакна дека поминаа 100 години од убиството на Големиот син на Македонија, кој целиот свој живот го посвети и даде за Македонија.
“Јане Сандански освен што е симбол за слободна Македонија и на борбата за човекови права на Македонците во Пиринска Македонија, тој е симбол на сите Македонци каде и да се наоѓаат.
Неговата девиза: “Да живееш значи да се бориш, робот за слобода а слободниот за совршенство” е актуелна и денес за нас Македонците во Пиринска, Егјеска Македонија и во Албанија каде не ги уживаме основните човекови права.
Ја подржуваме борбата за национални и човекови права на Македонците во Пиринска и Егејска Македонија и имаме редовна и добра соработка со македонските организации од Пиринска и Егејска Македонија.
Никогаш не ги заборавајте Вашите македонски корени, зборувајте го македонскиот јазик и борете се за Вашите права” – истакна Васил Стерјовски во својот поздравен говор.
За присутните Македонци беше организирана богата културно-уметничка програма на која настапија: Стефче Стојковски, ансамблот “Гоце Делчев” од град Битола со пеачката Софија Кочевска, Културно-уметничкото друштво “Јане Сандански” од Ново Село, фолклорната група “Пирински глас” од Разлог и оркестарот “Македонија” од с.Мусомиште.
Прослава по повод 100 години од убиството на Јане Сандански организираше и ОМО “Илинден” на ливадата кај гробот на Јане Сандански каде панихида одржа архимандритот Никодим Царкњас, кој пристигна на собирот заедно со други претставници на Македонците од егејскиот дел на Македонија и од Сојузот на Македонците по потекло од Егејот “МАКЕДОН”. (Македониум)