Промовирана монографијата за Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски во Торонто

На 20-ти октомври 2013 година во Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто се одржа промоција на монографијата „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“. Автор на оваа значајна дело е публицистот Славе Николовски – Катин. Таа е издание на книгоиздателството „Македонска искра“, во соработка со списанието „Македонско сонце“ и ТВ „Сонце“ од Скопје.

Ова значајно дело беше промовирано во рамките на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ кое е во состав на црквата „Св. Климент Охридски“. Во присуство на голем број иселеници промоцијата ја отвори Маја Доневска-Ивановска, претседател на Литературноto Друштво „Браќа Миладиновци“, а за монографијата зборуваше Менде Бакаловски, претседател на МПЦ „Св. Климент Охридски“ од Торонто.

Во неговото излагање, меѓу другото, тoј истакна:„Монографијата „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од познатиот и призна публицист Славе Николовски- Катин, претставува осврт за ликот и делото на овој познат и признат Македонец. Книгата е изблик на силната љубов на патриотот и големиот бизнисменот Атанасоски од САД кон родната земја- Македонија. Делото е свидетелство на убавиот збор и откривање на животот и постигнувањата на овој доблесен и голем патриот во македонската дијаспора.

Исто така, господинот Бакаловски истакна  дека авторот на ова големо дело, Славе Катин е познат на македонската и меѓународната културна и научна јавност со своите 45 публицистички дела, потоа по новинарските и научните трудови  кои се посветени, главно, на животот на Македонците во светот, но и на низа други аспекти поврзани со дијаспората, како и со културата, литературата, јазикот, журналистиката, историјата, науката и религијата.

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски на Вториот конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција во Тирана

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски на Вториот конгрес на Македонска алијанса за европска интеграција во Тирана


Инаку, бизнисменот Џорџ Атанасоски е исклучително значајна, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Иако подолго време живее во Флорида, од своето заминување до денес, тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Тој е еден од најуспешните македонски бизнисмени во САД и во светот, за што е добитник на бројни награди, меѓу кои на највисокото американско општествено признание „Елис  ајланд“.

Беше истакнато дека монографијата за Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е значајна и по многу нешта единствено двојазично дело (на македонски и на англиски јазик) која содржи 460 страници во колор и претставува огледало за ликот и делото за големиот македонски бизнисмен. Со тоа авторот на монографијата Славе Катин успеа да го овековечи овој познат и признат Македонец, за кого со право се вели дека нему му припаѓа заслуженото високо место во градењето пријателски, бизнис и други мостови меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија. (Македониум)