ТВ Корча со прилог за активноста на Македонското друштво „Сонце“ за реконструкција на традиционалните носии на националните малцинства

ТВ Корча емитуваше прилог за активноста на Македонското друштво „Сонце“, реализирана во градот Корча, посветена на зачувувањето и промовирањето на етнокултурното наследство на националните малцинства во Корчанскиот округ.

Во рамките на активноста беа претставени четири реконструирани традиционални народни носии на македонската, ромската, влашката и египетската заедница. Носиите, од кои дел речиси целосно исчезнале во текот на XX век, беа реконструирани врз основа на стари фотографии, со посебно внимание на зачувувањето на нивниот автентичен изглед и традиционалните елементи.

Прилогот на ТВ Корча го истакнува значењето на оваа иницијатива за зачувување на културниот идентитет и традицијата на националните малцинства, како и можноста реконструираните носии повторно да се користат од заедниците за време на празници, културни манифестации и други традиционални настани.

Активноста беше поддржана од Комитетот за национални малцинства, а во реконструкцијата на носиите посебен придонес даде костимографката Лирика Појани.

Во рамките на настанот беше промовирана и информативната брошура „Етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните во Корчанскиот округ“, подготвена од Васил Стерјовски, која ја обработува историјата, културното значење и идентитетските особености на традиционалните носии на овие заедници.

Со оваа иницијатива, Македонското друштво „Сонце“ продолжува да придонесува кон зачувувањето, документирањето и промовирањето на културното наследство и традициите на националните малцинства во Албанија.

©Македониум