Преспанските производи на панаѓур за био-туризам во Корча

“Вкусија Koрчa “, беше панаѓурот што се одржа во Корча, кој за своја цел имаше промоција на био-туризмот за сите оние производители во регионот кои произведуваат разни био производи.
Овој панаѓур беше прекугранична соработка меѓу Албанија и Грција поддржан од претпристапните фондови на ЕУ и имаше за цел зачувување и понатамошно развивање на туризмот, со цел подобрување на економијата во регионот на Корча.

Ентела Пингули, преставник од здружението “Био Партнери” партнер на проектот од Албанија, за весник Македониум изјави дека со овој панаѓур сакаат да направат поголема промоција за потенцијалот на био-туризмот што го има регионот на Корча.


“Ова е програма која главно го поддржува округот, како и невладините организации како нашата, за да соработуваат за една подобра иднина во врска со био-туризмот и економијата во околијата на Корча.”- изјави Ентела Пингули за весник Македониум.

И Габриела Шнајдер преставник од страна на здружението “Културен Триаголник на Преспа” партнер на проектот од Грција за весник Македониум изјави дека овој проект има за цел промовирање на био-туризмот во пограничниот регион на Албанија и Грција, како и креирање на билатерална врска со локалните производители испреплетени со локалните тур-оператори и конкретни мерки што треба да се преземат за да се ублажат конфликтите.

“Овој проект има три фази. Првата фаза опфаќа дводневни панаѓури во Корча и Преспа во Грција, втората фаза тркалезни маси во Корча и Преспа во Грција и третата фаза вклучува потпишувањето на меморандум кој создава билатерална структура за развој на ова иницијатива во иднината .” – вели Габриела Шнајдер за весник Македониум.

На овој панаѓур присуствуваа бројни производители од регионот на Корча и областа на Мала Преспа кои туризмот го имаат како основа за обезбедување на приходи.

Валентина Вурмо учесник на панаѓурот од Мала Преспа, за весник Македониум изјави дека на панаѓурот, производителите од Мала Преспа донесоа локални производи од областа.

“Денес ние сме претставени со различни производи како мед, грав, компот од цреши, сливи, исушени риби, планински чај, вино, ракија, идр.” – изјави Валентина Вурмо за весник Македониум.

Националниот Парк Преспа работи на организирање на локалните производители во Мала Преспа во маркетинг организација и создавање посебен бренд за производителите од Мала Преспа.

Панаѓурот два дена беше отворена за граѓаните на Корча и потоа се пресели во областа на Преспа во Грција. (Македониум)