Во Корча ќе се одржи промоција на традиционалните носии на македонското, ромското, влашкото и египтјанското малцинство

Утре, сабота (31 октомври), со почеток во 11:00 часот, во салата на Советот на Округот Корча, македонското друштво „Сонце“ ќе го одржи завршниот настан од проектот „Создавање традиционални носии на македонското, ромското, влашкото и египтјанското национално малцинство во регионот на Корча“.

Овој значаен културен проект е реализиран со поддршка на албанскиот Комитет за национални малцинства, со цел зачувување и афирмација на етнокултурното наследство на заедниците кои со векови живеат заедно во овој регион.

На настанот свечено ќе бидат презентирани автентичните традиционални носии на сите четири заедници. Носиите се изработени со посебна посветеност и внимание кон деталите од страна на познатата костимографка од Корча, Лирика Појани.

Покрај изложбата на носиите, пред јавноста ќе биде промовирана и специјална информативна брошура со наслов „Етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египтјаните во регионот на Корча“. Публикацијата нуди подлабок увид во историјата, значењето и идентитетските карактеристики на овие носии, а нејзината подготовка е дело на Васил Стерјовски.

Организаторите упатуваат отворена покана до сите граѓани, љубители на културата и медиуми да присуствуваат на настанот и заедно да ја прослават етничката разноликост, заедништвото и убавината на мултикултурното наследство во регионот на Корча.

©Македониум