Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт ) бил фронт на територијата на етногеографска Македонија во текот на Првата светска војна (листопад 1915 – гроздобер 1918 год.) помеѓу силите на Антантата (француски, британски, српски, а подоцна и италијански и грчки воени единици) и Централните сили (бугарски, германски и австроунгарски воени единици).

Фронтот се протегал од Охрид (меѓу градот и манастирот Свети Наум), преку планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе (Кајмакчалан) и Беласица, долж реката Места до Орфанскиот залив во Егејското Море. Јужно од линија на Македонскиот фронт биле силите на Антантата а северно Централните сили.
По вклучувањето на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централните сили, есента 1915 година, бугарската Втора армија ги зазела македонските градови Куманово, Штип, Велес и Скопје. Пролетта 1916 година, помогната од германските и австроунгарските сојузници, таа ја освоила Рупелската Теснина и навлегувајќи во источниот дел на Егејска Македонија, ги зазела градовите Сер, Драма и Кавала, а потоа и Костур и Лерин. Офанзивата на Антантата од 11.09.1916 година, во правецот на Горничево и Битола (по судирот кај Горничево) српско-француските трупи ја пробиле одбраната на бугарската Прва армија принудувајќи ја на повлекување.
Силите на Антантата започнале силна офанзива (15. 09. 1918 год.,) против бугарската Трета дивизија од составот на германската Втора армија. Борбите се пренесле во Пелагонија, на десниот брег на реката Вардар, Црна Река и во реонот на Дојран. Бугарско-германските трупи биле приудени да се повлечат на север и до бугарската граница.
На 29. 09. 1918 година, Бугарија била принудена да потпише примирје, согласувајќи се да го напушти вардарскиот дел од етногеографска Македонија, задржувајќи ги само Пиринска Македонија и струмичката област со градот Струмица.
Со Нејскиот мировен договор од 1919 год., градот Струмица со околината и припаднал на Србија.
Стево Симски
