МАЕИ: Честит 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, одбележувајќи го овој историски датум како симбол на слободољубието, непокорот и храброста на македонскиот народ.

Од МАЕИ истакнуваат дека на 11 октомври 1941 година започнал организираниот вооружен отпор против фашизмот, отворајќи ново поглавје во борбата за слобода, достоинство и национално самоопределување.

„Овој историски ден нè потсетува на храброста, пожртвуваноста и решителноста на сите оние кои се кренаа против наци-фашистичкото ропство и ги положија своите животи за слободата“, се наведува во честитката на МАЕИ.

Посебно место во сеќавањето на антифашистичката борба, нагласуваат од македонската партија, имаат и Македонците од Албанија, кои активно учествувале во борбата против фашизмот и дале свој придонес во ослободувањето на Македонија.

Многумина од нив ги жртвувале своите животи за слободата, оставајќи трајно наследство на храброст, солидарност и љубов кон татковината.

Од МАЕИ посочуваат дека одбележувањето на 11 Октомври претставува можност да им се оддаде почит на сите борци и херои, но и да се потврди определбата за зачувување и унапредување на македонскиот национален идентитет, јазикот, културата и историското наследство, како и за доследно почитување на човековите и малцинските права.

МАЕИ им го честита 11 Октомври на сите Македонци, со порака дека наследството на антифашистичката борба треба да продолжи да биде поттик за слобода, достоинство, солидарност и почитување на правата на секој човек.

https://maei.al/archives/4583