Парламентот на Албанија ја усвои новата административно-територијална реформа со 85 гласа “за“, со која се предвидува намалување на бројот на општини во земјата од 61 на 46. Реформата, предложена од Социјалистичката партија, предвидува спојување на 15 општини со други локални единици, со цел реорганизација на локалната самоуправа.

Во новата административна поделба, општина Пустец останува самостојна општина и не е меѓу локалните единици опфатени со најавеното спојување. Ова е значајно за жителите на областа Преспа, бидејќи Пустец е општина со специфични национални, културни и јазични особености, во која живее македонско малцинство.
Со новата организација Албанија ќе ги задржи 12-те окрузи, а територијата ќе биде поделена на 46 општини, 71 градови и 387 административни единици.
Новата мапа ќе се имплементира на локалните избори во 2027 година. До конституирањето на новите тела, актуелните градоначалници и општински совети ќе продолжат да ги вршат своите овластувања во рамките на сегашните граници.
Усвојувањето на реформата беше проследено со тензии во албанскиот парламент. Пратениците на Демократската партија остро реагираа за време на седницата, а дел од нив фрлаа предмети кон премиерот Еди Рама, кој пристигна во салата непосредно пред почетокот на гласањето.
За Пустец, останувањето како посебна општина е особено важно за локалното управување и зачувувањето на македонскиот идентитет на областа Преспа.
Новиот закон поставува ограничувања за идните измени на составните единици на општините. Тие бараат јавна консултација, одлука од страна на општинскиот совет и конечно одобрување од страна на владата; тие не можат да се донесуваат почесто од еднаш на секои десет години. Предлагањето и одобрувањето на овие измени се забранети една година пред парламентарните и локалните избори.
