Прикажани документарниот филм “Македонецот“ и изложбата “Мајко мила“ од авторот Петро Алексовски – режисер, Македонец кој живее и твори во Полска

Во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, се одржа културно-меморијалната манифестација “Патување кон корените“, посветена на трагичната судбина на децата Македонци прогонети од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Во рамките на манифестацијата беа прикажани документарниот филм “Македонецот“ и изложбата “Мајко мила“ од авторот Петро Алексовски – режисер, Македонец кој живее и твори во Полска. Преку фотографии, уметнички дела, сведоштва и вистински човечки судбини, настанот потсети на едно од најболните поглавја од поновата македонска историја.

– Живеевме во едно семејство, но после 45 години ми ја раскажа својата судбина. И, тогаш дознав со кое страдање била исполнета душата на татко ми после прогонството од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година, за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Останаа спомените и носталгијата да се врати во родната земја, повторно да го почувствува мирисот на македонската земја. Но, не го доживеа тоа. Сакаше да режирам документарен филм за прогонството на македонците од Граѓанската војна во Грција, иако не сакаше да биде тој во центарот на вниманието со својата приказна. Сепак, преку неговиот лик и живот, мислам дека ја раскажав трагедијата на сите насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија, – изјави авторот на документарниот филм и изложбата Петро Алексовски од Полска.

Спомени за македонската голгота во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година и неговата мајка која одгледала стотици деца од Егејскиот дел на Македонија во Полска евоцираше Григори Поповски.

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров врз основа на одлука на 36. Генерално собрание одржано на 8 август 2026 година, на Петро Алексовски му предаде плакета со која му се доделува највисокото семакедонско признание – почесната титула Македонски сенатор.

Пред 78 години, во виорот на Граѓанската војна во Грција и човечкото страдање, илјадници македонски деца биле насилно одделени од своите родители, домови и од сопственото детство. Заминале не знаејќи каде ги водат, дали повторно ќе ги видат своите мајки и татковци и дали некогаш повторно ќе зачекорат по патеките на родното место.

Нивни нови домови станале далечни и непознати земји – Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Советскиот сојуз, Узбекистан и други земји. Таму пораснале, создале семејства и изградиле нов живот. Но, никогаш не ги заборавиле своите македонски корени – мирисот на родната земја Македонија, песните од детството, мајчиниот глас, името на своето село и детскиот џагор што засекогаш останал по ливадите и селските дворови во Егејскиот дел на Македонија.

А, многумина цел живот го носеле во срцето прашањето: Ќе се вратиме ли некогаш дома?

“Патување кон корените“ не е само изложба и проекција на документарен филм. Тоа е патување низ заедничката македонска меморија – приказна за разделбите и страдањата, но и за надежта, истрајноста, љубовта кон татковината Македонија и духовното враќање кон корените.

Манифестацијата ги оживеа спомените не за да останеме заробени во минатото, туку да ја сочуваме вистината и да им ја пренесеме на идните поколенија трагедијата. Зашто народ што ги помни своите деца, своите рани и своите корени никогаш не може да биде избришан од историјата.

“Патување кон корените“ зборува за животниот пат на таткото на авторот на оваа манифестација Мито Алексовски, преку чиј лик и лична драма, авторот успеал да ја доближи историјата и вистината на насилните прогонства врз Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Во рамките на програмата на културно-меморијалната програма “Патување кон корените“ беше прикажан документарниот филм “Македонецот“ на Петро Алексовски, посветен на македонските деца-бегалци кои по Втората светска војна нашле засолниште во Полска. Беше отворена и изложбата “Мајко мила“, која преку лични приказни и спомени говори за преселувањето, загубата на домот и потрагата по сопствените корени.

Проекцијата на филмот “Македонецот“ и изложбата “Мојата мајка“ предизвикаа особен интерес кај присутните, повеќето со солзи се сеќаваа на маките низ кои минале во животот одвоени од семејството и татковината Македонија.