Македонскиот активист и историчар од Бугарија, Стојко Стојков, е добитник на високото државно признание „23 Октомври“ за книгата „Табу, Време на страв и страдање – прогонувањето на Македонците во Бугарија за време на комунизмот (1944–1989)“, која во неколку тома ја објавува издавачката куќа „Матица Македонска“.

Стојков, по повод одлуката за доделување на наградата, истакна дека за него таа претставува голема чест, признание и радост, но и признание за долгогодишниот труд посветен на истражувањето на положбата и страдањата на Македонците во Бугарија во периодот на комунизмот.
„Со оваа награда не само се наградува мојот долгогодишен труд, но исто така тоа е признание и оддавање почит кон сите Македонци кои поминаа низ комунистичките затвори во Бугарија, страдаа, беа малтретирани и маргинализирани затоа што беа и останаа Македонци“, посочи Стојков.
Книгата „Табу, Време на страв и страдање“ се занимава со прогонувањето, репресијата и маргинализацијата на Македонците во Бугарија во периодот од 1944 до 1989 година, отворајќи теми кои со децении биле предмет на молк и политичко табу.
Согласно член 4 од Законот за државните награди, со државната награда „23 Октомври“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија.
Наградата традиционално се доделува на 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, на свеченост во Собранието на Република Македонија.
Стојко Стојков е познат по својот долгогодишен ангажман во истражувањето и афирмирањето на историјата и правата на Македонците во Бугарија. Неговото истражување за репресијата врз Македонците во периодот на комунизмот претставува значаен придонес кон документирањето на сведоштвата и историските искуства на македонската заедница во Бугарија.
Самото доделување на наградата на 23 октомври, на Денот на македонската револуционерна борба, за Стојков има и дополнително значење, особено имајќи ја предвид темата на награденото дело и неговата посветеност на луѓето кои, како што наведува, страдале затоа што го зачувале своето македонско национално чувство.
©Македониум
