Најголемиот македонски празник Илинден во Пустец, во Република Албанија, беше одбележан со осмото издание на театарскиот фестивал „Македонско културно лето“, кој се одржа од 29 јули до 2 август.
На фестивалот „Македонско културно лето“ во Албанија настапија Драмски театар – Скопје со претставата „Последните Македонци“ во режија и авторство на Сашо Миленковски, Театар за деца и младинци – Скопје со претставата „Македонска приказна“ во режија на Боњо Лунгов, Љупчо Тодоровски-Упа со „Парче душа“, Театар Џинот – Велес со „Спанаќ со пржени компири“ на авторот Золтан Егреши во режија на Ненад Витанов и Никола Тодоровски од Охридскиот театар.
Оваа година фестивалот се прошири и се одржуваше на три локации: на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец, плоштадот „Европа“ во Леска и на плоштадот „Јане Сандански“ во Зрноско.
На фестивалот беа доделени и награди за Актер и Актерка. Жирито во состав Зоран Љутков (претседател) и членовите Андреј Цветановски и Жарко Димоски, одлучија наградите да ги доделат на Билјана Драгичевиќ-Пројковска – Актерка на фестивалот и Владимир Тулиев – Актер на фестивалот.
По доделувањето на наградите, концерт одржал и познатиот пејач Димитар Андоновски во придружба на Сергеј Светозарев. Покрај домашната публика, која веќе го прифати фестивалот во голем број, на настанот присуствувала и публика од Република Македонија.
Фестивалот го организира здружението “СОНЦЕ” од Скопје и е поддржан од Министерството за култура на Република Мекедонија, Град Скопје и Општина Велес. (Македониум)