Работна средба на амбасадорот Данчо Марковски со лекторката Славица Свидерска

Денес во просториите на македонската Амбасада во Тирана се одржа првата работна средба со лекторката по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Славица Свидерска.

Свидерска детално информираше за почетокот со работа на лекторатот, интересот и бројот на слушатели, како и за наставната програма што ќе се реализира во текот на тековниот семестар. Потенцираше дека наставата ја посетуваат 19 студенти на почетно А1 ниво, како и 3 слушатели со повисоко Б2 ниво на познавање на македонскиот јазик. Посебно го потенцираше позитивниот пристап и поддршка од страна на деканката проф. д-р Есмералда Кромида и продеканката за меѓународна соработка проф. д-р Дрита Рира.

Амбасадорот Марковски, во придружба на неговите соработници, изрази задоволство од досегашните активности, потенцирајќи дека лекторатот освен научно – образовната и културната димензија има и политичко значење.

Посебно се осврна на програмските активности на Амбасадата во делот на културно образовната сфера во текот на годината, при што понуди вклучување на Свидерска во реализација на истите. Посебно ги истакна претстојните значајни датуми, 05 мај Денот на македонскиот јазик и 24 мај Денот на сесловенските просветители „Св.Кирил и Методиј“, како и организирање предавања и поетски вечери.

Во делот на натамошната популаризација на лекторатот и привлекување на нови слушатели Марковски говореше за потребата од организирање на испити за заинтересирани лица за преведувачи, со оглед на нивниот исклучително мал број.

Заеднички беше договорено на следниот состанок да бидат разменет оперативен план за заедничко делување.

©Македониум